Симона Илковска: Една од најмладите, во друштво со најдобрите

Многу луѓе ниту на 40 години не знаат што сакаат да прават во животот па кога некој го знае тоа уште во основно, е вистинска реткост. Нашата соговорничка Симона на неполни 20 години е членка на најпрестижната Асоцијација на готвачи World Association Of Master Chefs за Македонија, членка на Алијансата на готвачи на Слоу Фуд Македонија, и секако, дел од Проектот „Кулинари“ на организацијата Арно

0
363

Нашата соговорничка, молчаливата, скромна и срамежлива Симона Илковска, и покрај младоста, на неполни 20 години е веќе успешна во својата професија – кулинарството. Речиси две години таа е задолжена за приготвување на вкусната храна во рибниот ресторан „Сидро“. Во меѓувреме, постојано е дел од ативностите и настаните организирани во рамките на Проектот Кулинари, на организацијата АРНО, но и дел од активностите, настаните и патувањата со своите истомисленици од Слоу Фуд Македонија, која пак е дел од меѓународното движење со преку 100.000 членови од 160 држави организирани во 1500 локални организации.

Првпат ја запознав токму на едно од овие патувања со членовите на Слоу Фуд Македонија, долго патување со автобус до Торино, на централниот настан на движењето Слоу фуд кој се одржува во Торино секоја втора година – Тера Мадре Салоне дел Густо 2018.

Да, да, требаше повторно да се одржи токму годинава, ама сега е време на корона. Затоа и овој настан, наместо како досега, се децентрализира и почнувајќи од овој месец, октомври, ќе се одржува во текот на шест месеци низ целиот свет, а ќе се организираат настани онаму кадешто тоа го дозволуваат здравствените и безбедносните услови, со цел зајакнување на меѓународната заедница на одржливи производители на храна и внимателни потрошувачи.

Како и да е, на ова патување пред две години, Симона и нејзината пријателка Даниела (Лазаревска), двете млади готвачки, дел од подмладокот на Слоу фуд, беа причината за доброто расположение на сите. Таму пак, на Тера Мадре Кујна, кога дојде време да се помогне за да се прикаже македонската кујна во најдобро светло, вредно ги засукаа ракавите и им помогнаа на своите постари колеги, шеф Зоран Мајновски и шеф Маре Јаневска. И сите заедно направија растур – македонските специјалитети, поточно, тетовското гравче, селското месо со лути суви пиперки и праз, дебарското бело овчо сирење и домашниот ајвар, ги пробаа многу посетители и учесници на саемот, многу повеќе отколку што беше предвидено. Јапонци, Италијани, Мексиканци, и многу, многу други народи присутни на овој најголем саем за храна задоволно ‘мљацкаа’ дегустирајќи ја македонската порција.

Деновиве беше и официјално формирана алијансата на готвачи на Слоу фуд Македонија кои автоматски влегуваат во Алијансата на готвачи на интернационалната мрежа на Слоу фуд, па рамо до рамо, во првите десет (Маре ЈаневскаЗоран Мајновски, Бобан Симоновски, Дејан Карапеев, Пеце Клечкароски, Елена Џајкоска, Александра Атанасовска, Орце Трајковски), застанаа и младите Симона Илковска и Даниела Лазаревска.

И со двете планиравме интервју за рубриката наменета за младите кулинари во нашето списание „Арт кујна“ кое, за жал, по почетокот на корона кризата не излезе од печат, па решивме интервјуто со Симона кое го направивме тогаш, да го објавиме тука.

Во разговорот, иако срамежлива и скржава на зборови, Симона ни ја кажа и најважната работа за себе, а тоа е дека кај неа немало дилеми во врска со изборот на професијата, па уште во основно училиште знаела дека сака да биде готвачка.

„Уште во основно знаев дека сакам да бидам готвачка и да се запишам во средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Можам да кажам дека тргнав по стапките на мојот дедо кој беше готвач“, ни објасни Симона.

Иако, таа и нејзиниот дедо не се единствените во семејството кои се занимаваат со готвење.

„Исто така, и мајка ми се занимава со готвење, а по моите стапки тргна и брат ми кој и самиот се запиша во средното угостителско. Татко ми пак, иако не се занимава професионално со готвење, е тој што најчесто готви кај нас дома. Често знаеме јас и тој да зготвиме нешто заедно и искрено, најубаво ми е кога готвам со него, иако понекогаш, но поретко, знаеме да зготвиме нешто заедно и со брат ми“, раскажува Симона.

Кога готват со брат ѝ, се разбира, таа е шеф, а тој су-шеф.

Речиси две години Симона работи во рибниот ресторан „Сидро“ и вели дека го одбрала токму ова место бидејќи сака нејзина специјалност  во готвењето да бидат рибите и морската храна. И проверено, можеме слободно да кажеме дека е навистина одлична во тоа.

Лосос со авокадо и кромид

Во текот на неколку месеци колку што поминаа од нашето интервју, Симона, освен што созреала, е и физички променета, па наместо нејзината препознатлива куса коса, сега има подолга фризура, и потенок стас. Вели дека почнала да вежба, а бидејќи преферира солена храна, не ѝ е многу тешко да се воздржи од слатките.

„Има повеќе јадења што ги сакам, но дефинитивно, повеќе јадам солени јадења, отколку слатки. Бидејќи дел од моите пријатели се исто така кулинари, често знаеме да се собереме дома и да спремиме некое јадење. Во средно станав член на Слоу фуд и откако се зачленив сменив некои свои животни навики, секако, кон подобро. Исто така, дел сум од проектот Кулинари на Арно и дел од сите настани кои ги организираме и како Слоу Фуд и како Кулинари. Во иднина се гледам себеси во ресторани во кои ќе можам да го надградувам моето знаење за рибите и морската храна“, вели Симона, која често наидува на збунети погледи кога на свои врсници ќе им каже со што се занимава, но и дека работи од петнаесет години.

„Моите врсници се чудат кога ќе слушнат колку долго работам и дека веќе цврсто стојам на нозе бидејќи самите најчесто немаат идеја со што  сакаат да се занимаваат понатаму во животот. Јас ја одбрав мојата професија уште одамна и немам намера да ја менувам. Сакам само да се усовршувам“, одлучна е Симона.

Ѝ посакуваме уште многу успеси, а бидејќи веќе знаеме дека е голема вредница, не се сомневаме дека ќе ги реализира.

Фото: Стефани Христов