Сакате да бидете и вие Атиџе?

Денеска, на Светскиот ден на пчелите, нашите пријатели од Macedonian Honey почнуваат со својот нов проект - првото училиште за природно пчеларење на македонски јазик кое е отворено за сите ентузијасти, почетници и искусни пчелари.

0
319

Пчелите се една од големите научни мистерии за човештвото бидејќи останале непроменети 20 милиони години иако светот околу нив постојано се менувал. Со оглед на трендот на забрзано исчезнување на пчелните семејства ширум светот, мораме да реагираме и да ја заштитиме нивната популација. Пчелите како неприкосновени опрашувачи играат есенцијална улога во нашиот еко систем. Третина од целата наша храна зависи од нивното опрашување. И како што рекол славниот Ајштајн, доколку пчелите исчезнат, исчезнувањето на човештвото ќе следи само неколку години подоцна.

Токму затоа, во 2018.година на иницијатива на Република Словенија, од Обединетите Нации 20 мај беше прогласен за Светски ден на пчелата со цел да се потсети светската јавност за нвната важност.

Ова многу добро го стори и нашата Атиџе Муратовска, како и авторите на документарецот „Медена земја“, а годинава, нашите пријатели од Macedonian Honey, чија цел е активно да учествуваат во заштитата на биодиверзитетот и во одржувањето на популацијата на медоносната пчела, токму денеска, на Светскиот ден на пчелите, го стартуваат првото училиште за природно пчеларење на македонски јазик кое е отворено за сите ентузијасти, почетници и искусни пчелари.

Тука ќе најдете повеќе од 40 лекции кои се прилагодени и за лицата со оштетен вид. Курсот е поддржан од Амбасадата на Република Словачка и има за цел да ги покаже основите на природното пчеларење, како и сите операции кои се преземаат во текот на годината. Со нов пристап кон пчеларењето, со употреба на природни материјали, наместо хемикалии и штетни атибиотици.

Автор на лекциите е Огњен Фидановски кој има повеќе од 30-годишно искуство во пчеларството, а низ курсот ве води неговата сопруга Елена.

Сопружниците Фидановски се препознатливи по тоа што, за разлика од останатите пчелари не продаваат мед во тегли, туку го пакуваат во мали специјални еколошки кесички за една употреба – HONEYSTICK.

Ако сте заинтересирани да научите повеќе, линкот на кој треба да се приклучите е ТУКА.

Како што вели и Атиџе: „Треба половина за тебе – половина за мене… Повеќе на пчелите да им се остава. Ако нема пчели, од каде мед? На целиот свет му требаат пчели. Ако немаме пчели, ќе немаме ниту здравје“.