Рајско место е она кадешто кога одите на прошетка, се враќате со букет свежи шпаргли

Од сончевиот хрватски остров Хвар, добивме тазе фотографија и рецепт за омлет со свежи шпаргли, зеленчук кој, за жал, кај нас не е многу популарен

0
285

Почнува сезоната на шпаргли. Кај нас, за жал, не се многу популарни, ниту пак ги имаме во изобилие, а уште помалку можеме некаде шетајќи случајно да наидеме на нив и да си ги набереме. Ама затоа, некаде на земјинава топка е можно и тоа. Од едно такво, од сончевиот хрватски остров Хвар, добивме тазе фотографија и рецепт за омлет со свежи шпаргли кои нашата читателка Марина Луетиќ, Македонка која повеќе од три децении живее во Хрватска, ги набрала шетајќи се во малата шумичка над нејзината куќа.

Таа и сопругот со нив си направиле превкусен омлет.

Младото кромитче се пропржува на маслиново масло. На шпарглите им се отстранува тврдиот дел, а мекиот се преполовува, па шпарглите се додаваат кај кромитчето на 3 до 5 минути и на крајот се додаваат изматените јајца. Кој сака, вели Марина, може да додаде и пршут, ама ние го направивме омлетот без него.

Инаку, шпарглата (аспарагус) е зеленчук кој е сѐ уште релативно непознат на нашите простори, а нивната сезона е токму сега. Имено, шпарглите се берат меѓу април и јуни, во зависност од временските прилики, меѓутоа, ако температурите биле благи во февруари, сезоната се смета за почната.

Шпарглата има мала хранлива вредност. Во 100 грама шпаргла има околу 20 калории. Од хранливи материи, содржи: 13,78 г протеини, 17 г јагленохидрати, минерални соли: калциум, фосфор, железо, калиум, магнезиум, витамини: А, Б1, Б2, ПП, Ц, Д и стероидни гликозиди, кои имаат антивоспалително дејство. Богата е со фолна киселина и со аспарагин.
Шпарглата го снабдува организмот и со бакар, фолна киселина и со витамин Е, со што го јакне срцето и крвните садови. Го помага нормалното празнење на цревата и ги намалува тегобите, како што се надуеност на стомакот, присуство на гасови и друго.
Шпарглата содржи и хром, микроелемент, кој го намалува чувството на глад, па се препорачува за сите кои имаат проблеми со килограмите или се на диета.

Ги исфрла токсините од телото, го олеснува мокрењето, го намалува холестеролот, крвниот притисок и ја подобрува функцијата на срцето.