Придобивките на пилешката супа во време на ковид и настинки

Ако мислевте дека само нашите баби веруваат во лековитите својства на пилешката супа, се лажете. Пилешката супа е глобален феномен и ќе се најде на масата на пациентите во речиси сите развиени земји во светот.

0
152

Домашната пилешка супа е закрепувачка и здрава, се согласуваат нутриционистите. Не само што е специјалитет во нашите краишта, туку е омилена и ширум развиениот свет, особено во текот на опоравувањето од болест.
Ако мислевте дека само нашите баби веруваат во лековитите својства на пилешката супа, се лажете. Пилешката супа е глобален феномен и ќе се најде на масата на пациентите во речиси сите развиени земји во светот. Исто така се препорачува за ублажување на симптомите на ковид, како и за поблаги несакани ефекти од вакцинацијата.

Еве како се толкува тајната на пилешката супа за порталот WebMD од Сенди Алонен, клинички диететичар во Медицинскиот центар Beth Israel Deaconess во Бостон. „Сè е во состојките“, вели таа, додавајќи дека кога сте настинати, важно е и да ги надополнувате течностите.

Утешна храна

„Бистрата супа е топла и смирувачка, што ја прави одличен извор на хидратација додека сте болни, особено ако имате болки во грлото“, вели Алонен. „Можеби мислите дека додадената сол и другите зачини не се најдобри за вас. Но, во умерени количини, овие зачини можат да ви помогнат кога вашиот вкус е ‘отапен’ “, потенцира таа. „Губењето вкус е честа појава кај настинките. Како и со секој подобрувач на вкусот, солта е одлична за да ве поттикне да јадете повеќе“.

Пилешкото, пак, е богато со триптофан, кој го стимулира производството на серотонин, и кој може да го подобри вашето расположение и да ви даде чувство на пријатност. Значи пилешката супа станува вистинска утешна храна.

Дури и пареата е здрава

Јуфките или фидето, од друга страна, му обезбедуваат на вашето тело јаглехидрати кои помагаат да се чувствувате сити и се извор на енергија што му е потребна на вашето тело за време на болеста. Зеленчукот како морков, целер и кромид содржи витамини Ц и К и други антиоксиданти и минерали.

„Тие не само што помагаат да се изгради здрав имунолошки систем за борба против вирусот, туку исто така му помагаат на вашето тело да закрепне побрзо“, вели Алонен.
Дури и пареата од вашата пилешка супа е корисна. „Пареата може да ги отвори дишните патишта, олеснувајќи го дишењето. Исто така, има благо антиинфламаторно дејство што може да ви помогне да ги опуштите мускулите и да ја олесните непријатноста од симптомите на настинка“, заклучила Алонен.

Фото: Freepik