Денес, по повод светскиот ден на јаболката (20.октомври), ќе потсетиме на нивните здравствени придобивки, но ќе ви откриеме и колку се прскани македонските јаболка.
Сите знаеме дека има многу здравствени придобивки од консумирањето јаболка и не постои лекар или нутриционист кој нема да се согласи дека е добро да се јаде барем по едно јаболко секој ден. Така, на сите ни е позната и онаа изрека дека со едно јаболко на ден, не ви е потребен лекар, како и дека јаболката се најздрави кога се јадат свежи и цели, односно, со кора. Барем така беше порано. Ама последниве години сите ја имаме истата дилема – дали ова важи и денес со оглед на тоа што многу години јаболката се на врвот на листата на најпрскано овошје.
Кога кај нас ќе се спомнат јаболка, се разбира, на сите паметот ни оди во Преспа. Имено, производството на јаболка во Преспа има долга традиција, а за тоа зборува и учеството на јаболка од Преспа на изложба на јаболка во далечната Калифорнија, и тоа пред стотина години. Преспанските. јаболка добиле највисоки признанија за квалитет.
Затоа и нашите соговорници денес, на светскиот ден на јаболката, се од овие краишта. Стевче Радевски, од Царев двор, Ресен, инаку 55-годишник, вели дека со одгледување на јаболка се занимава од свои 15 години, а неговото семејството, вклучувајќи ги неговиот татко и дедо, се занимава со одгледување на јаболка 100 години.
Во тој контекст тој ни раскажува една досетка.
Американец прашал Англичанец како ја одржуваат нивната трева толку убава и здрава. Овој му рекол: „еднаш дневно ја наводнуваме и еднаш неделно ја косиме“. Кога Американецот кажал „и јас го правам истото“, Англичанецот одговорил: „Да, ама ние го правиме тоа 400 години наназад“.
Муабетот, вели Стевче, е дека традицијата е многу важна работа. Затоа тој смета дека одлично си ја знае работата.
На прашањето дали самиот консумира редовно јаболка и дали тоа го прави со лушпа, тој вели дека јаде дури по кило јаболка секој ден, сите со лушпа. Гарантира дека јаболката, кога убаво ќе се измијат, се безбедни за консумиорање со лушпа.
„Јаболката се прскаат толку колку што е доволно, но најважно од сѐ е да не се прскаат пред берба. Затоа ние не ги прскаме 30 до 40 денови пред бербата, а за тој период, голем дел од препаратите со кои се претходно третирани, исчезнуваат. Ние прскаме со препарати произведени во ЕУ, не користиме ниеден кој не е дозволен со нивните регулативи, а и тврдам дека нашите јаболка се помалку третирани од европските, кои таму ги прскаат дури до 25 пати.
Нашите јаболка се целосно здрави, токму заради тоа што не се прскани колку европските јаболка, а тоа го правиме толку колку што е оптимално потребно за да бидат квалитетни, во спротивно, нема да можеме да ги продадеме на европскиот, а особено не на рускиот пазар кадешто имаме најголем пласман. Зашто на овие пазари не се купуваат јаболки ако немаат совршен изглед, без механички оштетувања.
Што се однесува до органската храна, јас не верувам многу во ова. Во 1996 година бев на еден студиски престојк во Америка, кадешто стануваше збор за интегрална заштита и биолошка контрола и кадешто и самите Американци признаа дека сето тоа е една голема лага.
Имам братучед кој се занимава со органско производство, но јас мислам дека е доволно за да бидат јаболките здрави, ако не се прскаат најмалку еден месец пред бербата“, објаснува Радевски.
Миле Таневски од Ресен и неговото семејство се занимаваат со одгледување повеќе од 50 години и велат дека во Преспа има само многу мали количини на органски јаболка.
„Органски јаболка во Преспа има, но во многу мали количини и ретко се наогаат, а во конвенционалното производство се прскаат околу 10-12 пати. Сепак, препорачувам да се јадат со лушпа, бидејќ во неа има доста минерали, а не се третираат со инсектициди најмалку 30 дена пред бербата, такашто нема воопшто штета да се јаде и лушпата“, ја потврдува и тој тезата на Радевски.
Таневски вели дека со пласманот на јаболката е секоја година сѐ потешко, земјоделците се неорганизирани, немаат поддршка од државата за организација, а тоа вешто го користат откупувачите.
„Моментално цената се движи од 10 до 18 денари за килограм јаболки, кога се купуваат на големо“, вели тој.
Најпрепознатлива сорта за Преспа е ајдаред. Црвени и многу сочни, истовремено и благи и киселкасти јаболка.
Тој и неговото семејство освен што ги продаваат и самите ги консумираат во големи количини, минимум по два килограми на ден, а од нив си прават и домашен јаболков оцет за своја употреба.
„Препорачувам да се консумираат секокојдневно јаболка бидејќи се едно од најздравите овошја и се достапни за секого во нашата држава. Што е најважно, секогаш може да се најдат свежи директно од производителите“, порачува Таневски.
За жал, иако е денес светски ден на јаболката, во Преспа нема никаква манифестација. Таму, традиционално, секоја година, од 25-ти до 28-ми септември, се одржува манифестацијата „Преспански јаболкобер“, кога и официјално почнува бербата на преспанското јаболко.
Многу од нутриционистите го препорачуваат јаболкото како одличен начин за почнување на денот, бидејќи го прочистува организмот од токсини и помага дигестивниот систем да биде подготвен за она што го очекува во текот на денот.
Да потсетиме на најважните причини заради кои јаболката треба да станат редовен дел од нашата исхрана.
1. Ја подобруваат работата на срцето и го намалуваат таложењето на масни наслаги во артериите.
2. Го намалуваат нивото на холестерол во крвта.
3. Штитат од дијабетес.
4. Помагаат во намалувањето на тежината.
5. Ги зајакнуваат коските.
6. Ја превенираат појавата на Алцхајмерова болест.
Фото: Фејсбук