Од нашето вино не боли глави, дури и ако малку претерате

Нова винарија што се вика „Олд скул“, звучи малку нелогично, сѐ додека не ја слушнете нивната приказна која целосно го оправдува името на винаријата.

0
3239

Ангелче Гајдов, неговата сопруга, ќерката и нивните одлични вина ги запознавме на годинешната „Винодонија“.

Вниманието ни го привлекоа со зборовите: „Повелете, пробајте ги нашите вина, ние сме релативно нова винарија – Олд скул“.

Молам? Нова винарија што се вика „Олд скул“, ми звучеше малку нелогично, па така почна нашиот разговор и ја дознавме нивната приказна која сосема го оправдува името на винаријата.

Имено, иако винаријата „Олд скул“ ја основале во 2020. година, претходно, уште од 2009.година, по пензионирањето на господин Тодор Гајдов, инаку, татко на нашиот соговорник, тие почнале да се занимаваат со производство на вино, но во мали количини, за свои потреби, за пријателите и како хоби.

„Old School ја основавме во 2020. година заедно со моите пријатели Златко и Зоран Љуткови, а за ова име се одлучивме затоа што целото знаење  го наследивме од татко ми кој е еден од првите винари  во Македонија и долги години работел како главен енолог во ‘Лозар Велес’. Татко ми завршил во средното училиште во Кавадарци, смер лозаро-винарство (генерација 1957-1961) и од самиот почеток, во 1966.година, бил дел од тимот на винарската визба Лозар Велес“, ни раскажа Ангелче.

Во работата на винаријата, освен Ангелче, вклучен е и неговиот братучед Стефан кој е дипломиран агроном, смер лозаро-винарство и е одговорен за поголемиот дел од производството, секако, во консултации со гуруто, Тодор Гајдов.

Бидејќи се мала семејна винарија, за време на преработката им помагаат само нивните пријатели. Неговата ќерка Ана која има 17 години, од мала е вклучена во целиот процес и веќе покaжува интерес за работата во винаријата, па беше главна и на штандот на „Олд скул“ на „Винодонија“.

Ана е трета година во средно училиште за фармација, па веќе планираат во иднина да ја вклучат во лабораторискиот дел и во анализата на вината.

Сопругата Маријана засега е вклучена само како најискрен дегустатор на белите вина и како огромна поддршка.

Сосема разбирливо и очекувано за луѓе кои имаат своја винарија е и тие дома во секоја пригода најчесто да пијат вино.

„Дегустираме различни вина од различни винарии и можам да ви кажам дека досега од нашето вино никогаш не нѐ болела глава. Нема да навлегувам во тоа зошто од некои вина боли глава, но сите наши консументи се согласни во едно, а тоа е дека од нашето вино не боли глави дури и ако малку се опуштите во уживањето“, се смее нашиот соговорник.

Инаку, тие грозјето го откупуваат од лозовите насади во околината на езерo „Младост“ кои се стари повеќе од 40 години. Посебно се фокусирани на сортите Рајнски ризлинг и Шардоне и се стремат вината од овие сорти да бидат нивни препознатлив бренд.

„Произведуваме бели, црвени и розе вина, користејќи најосновна опрема за преработка на грозјето. Вината се одликуваат со типични карактеристики на самите сорти на грозје, а ги чуваме во инокс танкови од 1000 и од 600 литри, а од оваа година ќе имаме и неколку барик буриња за одлежување на најквалитетните црвени вина. Нашето бело куве „Туфо“ за кое добивме сребро на овогодинешниот BWIC (балкански натпревар за вина) е вино со кое сме посебно горди и кое ни дава поттик за натамошната работа.

Почетен  капацитет на винаријата е 20 илјади литри, а нашите вина можете да ги најдете во рестораните и кафеаните во Велес и околината, нашиот велешки ПАБ, а во Скопје засега во Wine counter, Fine Wine, Wine Berry и на Wine.mk“, вели Гајдов јуниор.

Во иднина винаријата планира да ја дополни и унапреди опремата за производство на вино, да ги прошири капацитетите, да започне производство на мускатни дестилати и ликери. Исто така, во план им е да направат и продажно-дегустационен дел во склоп на винаријата.

„Сакаме да ја прошириме и нашата продажба, а доколку се создадат услови би посадиле и свој сопствен лозов насад. Особено сме среќни заради тоа што во моментов имаме на одлежување гроздов дестилат во дабови буриња од кој за неколку години ќе произведеме вињак по рецептот на далеку познатиот велешкиот вињак кој го произведуваше ‘Лозар Велес’. Ќе претпоставите, тука повторно станува збор за олд скул знаењето пренесено од мојот татко“, се смее Ангелчо.