Најчудната комбинација на кафе што сте ја виделе досега

Нашата фотографка која корона кризата ја затекна во Шпанија, после речиси двомесечен карантин за да ја разбие монотонијата, почнала да експериментира со она со што обично сите го почнуваме денот - со својата утринска шолја кафе. Резултатот од кој е конечно задоволна веројатно повеќето од вас нема да се осмелат ниту да го пробаат

0
728

Наместо многу нови фотографии од шпанскиот град Аликанте во кој требаше да остане две недели, нашата фотографка Стефани Христов е во карантин речиси цели два месеци… И така, затворени во туѓа држава, туѓ град и туѓ стан, таа и нејзиниот сопруг се обидуваат да си го направат интересно секојдневието. Меѓу останатото, Стефани почнала да експериментира со она со што обично сите го почнуваме денот – со својата утринска шолја кафе.

Резултатот од кој е конечно задоволна веројатно повеќето од вас нема да се осмелат ниту да го пробаат.

Според неа, станува збор за варијација на новиот тренд кој преку ноќ го освои Инстаграм и популарната мрежа ТикТок – кафето Далгона. Станува збор за кафе кое изгледа повеќе како десерт отколку како кафе, а инспирирано е од корејските Далгон бонбони кои потсетуваат на кафе.

Но додека ова кафе содржи сосема нормални состојки за кафе, а тоа се инстант кафе и ладно млеко, варијантата на Стефани е вистински шок за ‘кафељупците’.

Еве ги состојките и фотографиите од постапката на правење на ова кафе кое наместо со млеко, се прави со овошен јогурт.

Стефани тврди дека е вкусно, а таа си го подготвува веќе три дена по ред.

Состојки:

1 лажица инстант кафе

Овошен јогурт со вкус по избор (таа го прави со овошен јогурт со ананас и кокос)

Маталка или вилушка/лажица за матење

По избор може да се додаде и мраз

Приготвување:

Во врела вода се додава лажицата кафе и се мати додека не се добие густа пена.

Во чашата во која ќе го пиете кафето се става прво јогуртот, па над него се става пената, можете да ја префрлите со лажица или да ја истурите.

И кафето е спремно, Ова кафе може да го пиете и како обичното ладно нес кафе (фрапе) со мешање на кафето и јогуртот, кој е всушност замена за млеко.