Највкусната грдотија меѓу морските риби

Грдобината изгледа како да е излезена од пеколот, а не од преубавиот Јадран. Мноштво од најразновидни израстоци се нишаат од нејзиното тело, додека нејзината уста изгледа како самиот влез во пеколот. Сепак, нејзината грдотија не пречи таа да биде една од највкусните и најквалитетните риби во Јадранот.

0
519

Морските риби играат важна улога во здравјето на луѓето и треба да бидат редовен дел од исхраната. Како што постојат многу видови морска риба, така и постојат многу различни начини да се подготват. Тие му даваат на телото голема количина витамини Б, минерали (калиум, јод, натриум и бакар) и елементи во трагови. Имаат висока содржина на протеини и се најдобриот извор на омега-3 масни киселини.

Ама кога сме во Скопје, немаме многу можности за свежа морска риба. Најчесто јадеме слатководни риби, пастрмка, се разбира, товена во рибници, замрзнат ослиќ, лосос или скуша, а свежа туна или лосос, евентуално, поретко, за специјални пригоди. На пример, дома брат ми последен пат дома ни испржи свежа туна кога сите освен тој, бевме полегнати од ковид. Мислам, скапичка е и баш и не може да си ја дозволиме толку често колку што е препорачливо. Добро, има и други морски риби кај нас, ама некако, никогаш немам доверба во нивната свежина.

Е сега, во Хрватска, иако е земја со море, добрите риби се исто така скапи, со тоа што кога се свежи, а најчесто се такви, не можат да се мерат со оние што можат да се најдат кај нас. И секако, не е исто, мислам, Јадранско море си е Јадранско море, нели?

Во Загреб на пример, велат локалците, во летната сезона може да се најде дури и посвежа и подобра риба отколку во приморјето.

Една од поскапите, но според мене, дефинитивно, највкусна и најгрда риба е грдобината. Чини околу 20 евра за килограм. Има многу малку риби што можат да се натпреваруваат со оваа риба во грдотија, а она што повеќето луѓе го гледаат кога ја гледаат на рибниот пазар е само сенка од тоа како изгледа таа риба во морето. Мноштво од најразновидни израстоци се нишаат од нејзиното тело, што ѝ дава совршена можност за вклопување со калливото морско дно, додека нејзината уста изгледа како самиот влез во пеколот. Затоа, не е чудно што повеќето имиња на јадранскиот брег за оваа риба се базираат на нејзината грдост.

Во древните времиња се мислело дека оваа риба ги уништува рибарските мрежи, што е тесно поврзано со нејзината грдост и впечатокот дека е тесно поврзано со пеколот, ѓаволот и сe што е тешко објасниво. Денешната наука е ослободена од такви предрасуди и гледа на грдобата исто како и на секоја друга риба, што секако не ја намалува нејзината грдост.

Но затоа, таа е една од највкусните и најквалитетните риби во Јадранот. Многу е вкусна и препорачлива за деца и за болни, а се подготвува на различни начини. Наједноставниот и, иако не звучи така, највкусен и најздрав начин на консумирање на оваа риба е само да се свари со кромид и морска сол, а потоа да се зачини со многу маслиново масло. Токму таква ја пробавме и ние и е навистина нешто што моето непце долго ќе го памети.

Настрана тоа што на овој начин се подготвува за само 15 минути. Така не подучи домаќинот Ивица Луетиќ. Вели, откако водата ќе зоврие, потребни се само 15 минути за да се свари. Зависи од големината на рибата, но нема шанси да не е сварена. Исклучувате и ја оставате во тенџерето. Потоа, кога ќе дојде време за ручек, се става во чинијата парче риба, малку од течноста и се прелива со поголема количина маслиново масло. Земате леб и макате.

Превкусно. Течноста што ќе остане може да се искористи за рижото.

Инаку, станува збор за бела риба, која има многу мала количина маснотии и затоа има малку калории, а за возврат е богата со протеини и со висока биолошка вредност.

Поради високата квалитетна содржина на протеини, ги обезбедува повеќето од есенцијалните амино киселини. Покрај тоа, богата е со витамини (главно Б комплекси, како што се Б1, Б3 и Б9 или фолна киселина) и минерали (железо, фосфор, магнезиум и калиум).