Наскоро: Вински клуб и продавница за вина по маркет цени

На сончево место, во урбана средина, на оторено во сите четири годишни времиња, кај истиот домаќин кој покажа дека кафето може да се ужива во убаво опкружување по пристапни цени, наскоро ќе можете да ги вкусите најдобрите вина од нашата сончева винска земја по маркет цени без  скриени трошоци. И патем, да се чувствувате како да дегустирате вино во некој од најпознатите вински барови во Париз

0
1678

Наскоро, поточно некаде кон средината на следниот месец (ноември), нашите пријатели од ‘Бифе Тафталиџе’ ќе ја збогатат понудата во градот со ново место во кое ќе можете да си купите некое од најдобрите вина од нашата винска земја, а исто така, ќе можете и да седнете и да си го испиете тука, по приземни и достапни маркет цени.

Станува збор за вински клуб во кој Саша Шотаровски, или накусо, Шоте, ќе ни понуди едно ново уживање, достапно за сите.

„Во земја со толку убави вина, позната и надвор од нејзините граници токму како винска дестинација, да не може секој да ужива во чаша квалитетно вино, а притоа да не се плаши дека истата ќе го чини колку цело шише купено во маркет, е навистина недозволиво. Ние планираме да направиме еден малечок вински клуб (wine spot), кадешто секој ќе може да си дозволи да ужива во чаша (или шише) добро вино или истото да си го купи за дома, по цена како од маркет“, ветува Шоте и додава дека му е драго што овој проект е препознаен, поддржан и потпомогнат од неколку американски фондации.

Овој уникатен концепт во кој отварањето на шишето ќе ве чини за чаша на пример 100 денари, ќе ви овозможи да си го земете со себе целото шише или да го испиете тука. Ќе можете да го дегустирате и со соодветно мезе подготвено од нашите пријатели од ‘Занзибар до Тафталиџе’ и сѐ заедно да не ве чини повеќе од 500 денари, а вие да се чувствувате како да сте во некој вински бар во Париз.

Се разбира, во оваа своевидна винска библиотека ќе можете да уживате и во поскапи вина, но и оние со најниски цени ќе бидат достојни за најголемите вински сладокусци.

„Нашата идеја (или да бидам искрен, идејата беше на мојата ќерка Луна), е да ја подигнеме културата на пиење вино, а виното што ќе го консумираме да не биде полно се хемија од кое со денови потоа ќе ве боли глава, туку квалитетно македонско вино произведено во најдобрите македонски големи, но и малечки бутик винарии. Навистина не е во ред чаша наливно вино, најчесто од кутија купена за 200-300 денари, кога ќе седнете некаде да ја платите 170 денари, нели?“, вели Шоте и ни ја покажува сончевата тераса на која ќе има место само за три масички на кои ќе може без страв од вртоглава сметка, да си дозволи да седне секој вистински винољубец.

Рафтовите за книги наскоро ќе бидат исполнети со најубавите вина, а сите заинтересирани винарии кои сакаат нивните вина да бидат дел од оваа нова урбана скопска приказна, ќе можат да го резервираат своето место.

„Дали добро вино нужно значи и празен паричник? Секако дека не“, вели Шоте кој веќе докажа дека во добро кафе и одлична атмосфера (во неговото Бифе Тафталиџе), можете да уживате и за пристапна цена, речиси како да си го пиете дома.