Направете поголема количина паста од куркума за вашето златно млеко

Подгответе си поголема доза на паста од куркума за да ви биде полесно во мрзливите денови да си ја направите дневната доза од овој здрав златен напиток

0
282

Јадеме секој ден, неколку пати на ден. Тогаш, зошто да не ја искористиме оваа можност и заедно со храната да внесеме во нашиот организам скапоцени лековити билки во форма на вкусни јадења и пијалоци? Еден од овие вкусни препарати, стар неколку илјади години, е ајурведскиот специјалитет познат како златно млеко.

Така е именувано по својата жолта боја, а жолтата боја е од куркумата, која е и неговата главна состојка.

За куркумата сме пишувале многу пати, па сега само накусо да се потсетиме. Куркумата е антиоксиданс, има антиинфламаторно, антипаразитско, антибактериско, антиканцерогено дејство, помага при варењето, ја прочистува крвта, ја чисти кожата, ја поттикнува работата на мозокот и меморијата.

Да преминеме на рецептот. Црниот пипер нема да се почувствува во финалниот производ, но ќе помогне во апсорпцијата на куркуминот, за што се користи и кокосовото масло.

За да подготвите поголема количина на паста за подготовка на златно млеко ќе ви требаат:

1/4 шолја куркума во прав

1/2 шолја вода

1 ипол лажички мелен црн пипер

4 лажици кокосово масло

екстракт од ванила (по избор)

цимет (по избор)

Приготвување:

Ставете ги куркумата, водата, кокосовото масло и црниот пипер во тенџере и варете на тивок оган. Мешајте додека не испари водата и не се формира паста (можеби ќе ви треба жица за мешање за да ги разбиете грутчињата на куркумата на почетокот). Префрлете ја пастата во стаклена тегла и чувајте ја во фрижидер.

На овој начин ќе имате готова паста од куркума кога и да посакате да се напиете од овој здрав напиток. Може да стои во фрижидер многу долго време.

Кога сте подготвени да го направите златното млеко, само загрејте чаша млеко (ако користите кравјо млеко или пак млеко од бадем или ориз) и додадете половина лажичка паста од куркума. По желба, можете некогаш да додадете и повеќе од половина лажичка.

Млекото не треба да врие, туку само да се загрее. Можеби повторно ќе имате потреба од жицата за мешање за да се разбијат грутчињата од пастата.

Додадете цимет, ванила или мед по желба.

Фото: Unsplash