Наместо чај од камилица и нане, денеска пиеме мача, банча и мате

Порано, се знаеше, или пиевме домашни сокови на растварање или густи домашни што ги викавме Фруктал, или јогурт, чај од камилица, нане или црн чај од Битпазар, кафе и вода. А потоа се појавија фрапиња, смудиња, витаминизирани води, флаширани чаеви, па дури и супи во шишиња, мача, банча и мате чаеви, и што уште не. Што пиевте вие порано, а што сега?

0
356

Трендовите во гастрономијата и прехранбената индустрија, во последниве години, ни кажуваат многу едноставна приказна. Сè повеќе луѓе пијат, а сè помалку јадат, поточно, сè повеќе сркаат, а сè помалку џвакаат.

Започна со супите кои се нарачуваат во чаши или шишиња и се пијат. Најпопуларна е онаа од говедски коски, бидејќи, како што велат, содржи колаген. (Тоа е она кога супата се желатизира додека се лади.)

Пијалоците, без разлика дали станува збор за супа од зеленчук или мача чај со бадемово млеко, треба да бидат функционални.

Приказната продолжува. Јадењата што порано ги јадевме со лажица, сега ги пиеме со сламка. Интересно е и тоа што, додека порано супите кои се готвеа со часови, се јадеа на семејната трпеза, денес на пазарот се нудат инстант супи или пак веќе подготвени во пластични шишиња или во тетрапак. Секако, и порано постоеше бистра супа, но се користеше за готвење, а не како пијалок што го пиеме цел ден по малку.

За оние кои сакаат сами да ја подготват супата, на Интернет има сѐ повеќе совети за тоа како да ја зготват, а потоа да ја префрлат во пластични шишиња, да ја замрзнат и да ја вадат од замрзнувачот по потреба.

По супата со коски, трендот продолжи и сега имаме широк спектар на супи кои се конзумираат како пијалок. Оние од зеленчук како цвекло, моркови, спанаќ, карфиол, целер, со додавање на овошје, авокадо, јаболка, портокали, со есенцијални билки како што се нане, магдонос или босилек и зачини ким, кари, црн пипер.

Заедно со супите, последните неколку години, главен хит е Комбухата, пијалок подготвен од истоимената печурка комбуха, црн или зелен чај, шеќер и вода. Бројни експерти ги повторуваат позитивните ефекти на комбухата врз здравјето.

На сцена се сѐ уште актуелни смудињата, а новост, освен тоа дека наместо чај од камилица, нане или црн чај од Битпазар, сега се пие строго мача, банча и мате чај, но и варијанти како што се matcha latte и chai latte.

Првиот се подготвува со мача чај, а вториот со црн чај збогатен со зачини како што се анасон, цимет, ѓумбир. Новина е дека овие чаеви не се подготвуваат со вода, туку со млеко. Друга новина е што не станува збор за кравјо млеко, па дури ниту со соја млеко, бидејчи се сега тренд бадемовото, овесното, оризовото и кокосовото млеко. Од кравјото млеко се спасуваат единствено јогуртите и сè попопуларниот кефир.

Основниот заеднички именител на сите овие трендовски пијалоци, без разлика дали станува збор за супа или мача чај, е дека тие, пред сè, мора да бидат функционални. Пијалокот нема задача само да ја згасне жедта, да нè освежи или да нè загрее, во зависност од сезоната, туку мора да содржи состојки кои му прават добро на нашиот организам.

Резултатите со кои располага компанијата Mintel, компанија за истражување на пазарот, покажуваат дека потрошувачите првенствено бараат пијалокот да содржи антиоксиданти (47%), да ги штити мозочните функции (40%), да има антиинфламаторни својства (35%) и пробиотици (30%).

Фото: Pixabey