Маслото од афион се враќа во македонските домови, ама не за готвење, туку за лек

Нашиот соговорник Роберт Коцев и неговиот партнер и пријател Александар Димитриевски, неодамна го произведоа првото и засега единствено афионово масло кај нас, кое за разлика од минатото кога било и храна и лек, сега, заради цената, се користи најмногу како лек. Ова масло е атракција во светски рамки заради долгиот список од здравствени придобивки, а пред сѐ, заради неговите антиканцерогени својства.

0
1202

Двајцата партнери и кумашини кои неодамна се појавија на македонската гастрономска сцена со своето ладно цедено масло од сончоглед, неодамна го претставија и својот нов стар производ и го вратија во македонските домови и маслото од афион, првиот вид на масло кој се правел во минатото.

Разликата е во тоа што сега тие, наместо како порано, со дробење со камења што ги влечеле коњи, го направиле со помош на истата машина со која го прават и својот прв производ, ладно цеденото сончогледово масло – Био Оил за кое постарите велат дека е „оригинал шарлаган“. Шарлаган е турскиот назив за ладно цедено масло од сончогледово и афионово семе, какво што се користело во минатото во Македонија.

„Постојат записи дека афионот е едно од најстарите маслодајни растенија на светот, од пред 3-4.000 години, па и нашите претци правеле афионово масло. Афионовото семе има најцврста обвивка и е многу тешко да се здроби, па порано се правело такашто се дробело со камења што ги влечеле коњи. Се разбира, да се добие масло на овој начин е многу тешко, но во минатото немало друг избор. Тоа било користено за сите намени, како храна и како лек, но потоа се појавил сончогледот чија цена била пониска, приносите биле поголеми, а и начинот на произведување – полесен. Набрзо сончогледот станало доминантна култура, а афионот и афионовото масло биле подзаборавени. Сепак, по едно топченце од смесата од чушките, онаа која подоцна беше злоупотребувана како опијат, си чувале во секоја куќа, како аналгетик и како лек“, раскажува нашиот соговорник, радовишанецот Роберт Коцев.

Тој и неговиот помлад пријател и кум, а од неодамна и партнер, Александар Димитриевски, ги запознавме во јуни годинава на првиот отворен пазар на наши локални и органски производи, на терасата на „Јавна соба“.

Таму беа со својот прв производ, ладно цеденото масло од сончоглед. После сончогледовото масло, двајцата партнери, инаку, вљубеници во македонската традиција, дошле на идеја да пробаат да направат и масло од афион. И успеале во тоа. Вкусот е фантастичен и долго останува во устата, а се препорачува да се зема по една мала лажичка секој ден, како превентива и како лек за многу болести. Ако земате голема лажица, вели Роберт, веројатно ќе почнете да ги прескокнувате појадоците затоа што таа лажица ќе ве држи долго сити и ќе го снабди вашиот организам со сѐ што е потребно.

Aфионовото семе е позната намирница во далечната источна кујна, пакистанската, индиската, итн, но токму нашата земја е позната по одгледувањето на многу квалитетен афион, па не е чудо што тој се наоѓа и на грбот на државата, како симбол. Сепак, во нашата кујна е малку подзаборавен, а долго време беше и митологизиран, и тоа во негативна смисла.

Денес неговата примена е најголема во фармацевтската индустрија, а уште од античко време било познато неговото дејство како седатив, но и за многу други намени во традиционалната медицина.

„Јас потекнувам од Радовиш кадешто афионот има долга традиција на одгледување, а порано било одгледувано и во моето семејство. Таму се сади и ден денес и токму од таму и ние го набавивме афионовото семе за нашата прва пробна количина на афионово масло. Немаме сигурни добавувачи, но ќе ги стимулираме да садат. Кога некој знае дека ќе има откуп на семето, ќе биде поинаку. Откако почнала злоупотребата на афионот како опијат, неговото производство и засадите беа регулирани со закон. Афионот почнал да се сади контролирано, со најава во општината и во полиција дека имаш намера да садиш и колкава количина. Имаше и контроли кои поминуваа и проверуваа да не се чушките засечени затоа што токму од таму доаѓа и онаа состојка на афионот која се употребува за производство на лекови и опијати. Кај нас сите кои одгледуваат афион мора да имаат потпишано договор со „Алкалоид“ за откуп на афионовите чушки, но потоа немаат што да прават со семето кое може да се користи само како масло и како храна. Меѓутоа, во нашите продавници и маркети најчесто се продава увозно афионово семе, чиј вкус не може да се мери со оној на семето произведено кај нас. А нашите производители не знаат што да прават со своето. Приказната е слична како и со нашиот ориз, гравот и многу други производи. Но одгледувањето на афионот е тешко, па ако потоа немаат обезбеден пласман, производителите немаат мотив да го одгледуваат. Инаку, освен во Радовиш, се произведува и во Виница, Штип, но секаде во мали количини, баш зашто немаат решение за семето.

Сега, откако видовме дека можеме да го правиме со истата машина со која го правиме и сончогледовото масло и откако го добивме тој совршен вкус, а веќе ги искусивме и добивме повратни информации од првите купувачи за неговите здравствени придобивки, мислам дека ќе можеме да ги поттикнеме, да ги стимулираме луѓето да го прошират производството“, објаснува Роберт.

Вели дека нивна привилегија е тоа што имаат висококвалитетна машина што може да го здроби семето и која работи на специфичен принцип во однос на други машини на овие простори.

„Многумина пробале да прават вакво масло, па знаеме дека се прави и во Бугарија, во Србија, во Хрватска, Чешка, но не знаеме на кој начин се прави таму. Имено, принципот на производство е или со притискање, со што се губат многу корисни состојки или, како што го правиме ние, со екструдација, значи, со гребење на семето, како кога мелете ореви. На тој начин ги задржува корисните состојки и убавиот вкус. Хранливи состојки остануваат и во остатоците од афионовото семе кое исто така не го фрламе туку го искористивме за да направиме вкусен намаз. Тоа е и нашиот друг нов производ кој освен од остатоците од семето искористено за правење на маслото како, се прави и со лути пиперчиња, нане и малку од нашето ладно цедено сончогледово масло кое се користи како природен конзерванс.

Намазот има навистина интересен вкус, здраво е и може да се јаде и само со парче леб, а сепак да се чувствувате како да имате најексклузивен оброк“, вели Коцев.

Што се однесува до здравствените придобивки на афионовото масло, ако ги набројуваме, листата ќе биде предолга, но една од најважните придобивки е неговото антиканцерогено својство. Едно истражување објавено во Тајмс вели дека гените на афионовото семе даваат доста ветувачки резултати во развојот на некои третмани за канцер. Најветувачки е лекот носкапин. Првичните испитувања покажуваат инхибиторно дејство на главната супстанца од лекот на делењето на канцерогените клетки на простатата и дојките. Друга студија пак, од Индија, укажува дека афиновото семе може да поттикне поголема активност на т.н. канцерогено-детоксифицирачки ензими наречени глутатион-S-трансферази за дури 80%.

„Здравјето нема цена. Иако изгледа како да станува збор за ексклузивен и скап производ, сметаме дека ќе биде корисно за сите кои страдаат од некои заболувања, но и како превентива. Впрочем, сетете се само колку пари давате за суплементи па ќе сфатите дека не е прескапо, а е природен лек. Станува збор за екстра масло за здравје, сосема природно и без никакви конзерванси.

Засега, од лично искуство, можеме да зборуваме со сигурност за неговите придобивки во однос на здравјето на кожата бидејќи се покажа како чудотворно во лекувањето на изгореници. Прво се уверивме во ова кога син ми се здоби со изгореници од апарат за швајцување, па со само неколку капки афионово масло за пет минути му олесна и му се смири болката, а го применивме и јас и сопругата за помали изгореници. Еден наш пријател кој го зема маслото за мајка му која и покрај терапијата со инсулин не можела да го симне шеќерот под 15-16, само после 5 дена користење, успеала да го симне шеќерот на 9, земајќи само по една лажичка на ден.

Има навистина голема листа на бенефиции и е атракција во светски рамки, иако истражувањата покажале дека најквалитетниот афион е токму нашиот, во Македонија. Ние си ветивме дека нема да ја расипеме нашата приказна и ќе останеме чесни, а заработката ќе ни биде во втор план.

Немаме голем капацитет, а првата пробна количина е само 50 литри, но со оглед на интересот, ќе продолжиме да го правиме. Храната е отров или лек, а која варијанта ќе ја одбереме зависи од нас. И конечно, мора да го спомнам и маслото од канабис чија цена е и многу поголема, а кога луѓето имаат зорт, сепак го купуваат.

Афионовото масло, иако не содржи опијатни супстанции, сепак има смирувачко дејство на нервниот систем, го подобрува сонот, па се препорачува и за несоница. Се трудиме и да ја задржиме сегашната цена од 2000 денари за пола литар, зашто суровината не чини и 300-400 денари за килограм, па тука се и средствата за амбалажа, за струја, етикети. Секако, не знаеме како ќе се одвива процесот и колку долго ќе може да се задржи цената. Во Бугарија литар од афионово масло за кое не го знаеме ниту квалитетот, ниту начинот на производство е 150 евра, значи и повеќе од двојно поскапо од нашето“, вели нашиот соговорник.

За здравствените придобивки на афионовото семе

Освен споменатото антиканцерогено својство, афионовото семе, како и повеќето семиња, содржи висок процент на маснотии, но здрави незаситени маснотии. Содржи висок процент на протеини и помалку јаглехидрати, а има и особено богата микронутритивна вредност.

Aфионот може да придонесе за здравјето на мозокот, за здрави коски, а може да помогне и во регулирањето на крвниот притисок и здравјето на срцето. Содржи омега 6, но и омега 3 масни киселини. И двете придонесуваат за здраво срце. Омега 3 масните киселини се есенцијални за телото, односно тоа не може да ги произведе, па мораме да ги внесуваме со исхраната. Тие го намалуваат нивото на „лошиот“ LDL холестерол во крвта и на тој начин го намалуваат ризикот од артеросклероза. Афионот може да помогне за правилна функција на тироидната жлезда, за здравјето на кожата и борбата против хроничната инфламација. Афионовото семе содржи многу хемиски соединенија за кои  е познато дека имаат антиоксидантни својства, спречуваат болести и го поттикнуваат здравјето. Ова семе е особено богато со олеинска и линолеинска киселина. Олеинската киселина, моно-незаситена масна киселина, помага во намалувањето на ЛДЛ или „лошиот холестерол“, а го зголемува ХДЛ или „добриот холестерол“ во крвта.