Македонско-албански тим на привремена работа во Хрватска

Македонците и Албанците на работа во странство немаат проблеми, тие се одличен тим, добри пријатели и сите зборуваат на јазикот на домаќините. Меѓусебе? Меѓусебе зборуваат и се однесуваат како другари, а тоа и се.

0
1225

Во пицеријата „Роко“ на тетовчанецот Шадан Хусеини во самиот центар на градот Хвар, поточно, на плоштадот Свети Стјепан, број 33, ја запознавме одблиску неговата вредна екипа работници, сите, освен еден, од Македонија. И додека ја таманавме највкусната пица на островот, ја слушавме комуникацијата помеѓу келнерите Кире (32) и Бетим (21), шанкерот Енес (23), Драгана (25) која е задолжена за правење на салати и најстариот меѓу нив, готвачот Бошко (39). Останатите членови од тимот, Диме (35), пица-мајстор, Горан (19), помошник во кујната и единствениот кој не доаѓа од Македонија, туку од Валона, Албанија – Кристи (21), беа на пауза, кој за да отспие или да се одмори, кој на плажа. Главниот, сопственикот Шадан, на островот познат како Роко, за разлика од деновите кога бил помлад па секој слободен момент го користел за да оди на плажа, сега за време на паузите, спие.

По него, најстари во тимот се велешаните Бошко и Диме. Бошко е татко на три деца, а помеѓу најмладото и најстарото е цела деценија разлика во години и тој е еден од оние кој е тука заради семејството, а не заради себе. Вели дека веќе се навикнал на овој начин на живот заради кој е речиси пола година далеку од семејството, бидејќи на истово место е готвач, и тоа, многу добар, веќе шест години по ред. Иако отпрвин помисливме дека барем потоа е со своето семејство, Бошко ни објасни дека после одморот и времето со семејството од само еден месец, веќе почнува со својот зимски ангажман, како готвач во ресторанот „Конак“, на Попова Шапка. Вели, тешко е, ама тоа е, децата мора да се пораснат. Бошко вели дека за разлика од лани, кога заради короната сезоната им траела кратко, годинава има многу туристи, па иако е веќе септември, работата не стивнува.

Единствената девојка во екипата, Драгана (25), е тука втора година по ред, откако лани, иако во сезона на корона, за првпат дошла преку својот сограѓанин и пријател Кире (32) кој во „Роко“ работи веќе неколку години. Од сега, се чини, и тука и каде и да работат низ светот, Драгана и Кире ќе доаѓаат во пакет. Имено, иако отпрвин тие двајца биле само пријатели и колеги, од неодамна нивното другарство прераснало во љубов. Можеби за ова немаше ни да дознаеме ако не дојдеше до недоразбирање. Имено, додека зборувавме со Драгана за тоа како се снаоѓа како единствена девојка во екипата и како воопшто дошла да работи тука, во еден момент, раскажувајќи, таа рече: „Јас и Кире си живееме, па тој ме викна да работам во кујната“. Иако таа всушност сакаше да каже дека си живеат, односно, дека се добри пријатели, ние го свативме ова како живот во пар, па продолживме со разговорот во тој правец. Кога Драгана поцрвене и призна дека од скоро помеѓу неа и Кире се родиле и поинакви чувства, свативме на какво живеење мислела, ама тајната веќе беше откриена.

Како и да е, ним двајца сега им е сѐ полесно, оти кога ти е љубовта во близина, ништо не е тешко. Па и Кире со послужавникот е разлетан на сите страни, а и Драгана во кујна работи со брзина на светлината.

Шега на страна. Тие двајца веќе не ги кријат чувствата, а колегите веројатно сѐ уште се навикнуваат на оваа љубов во нивните редови. Според Драгана и Кире, романтичната атмосфера во Хвар не е причина за тоа што нивното другарство од Велес тука прераснало во љубов, туку едноставно, се случило. Па и не е чудно зашто факт е дека другарството е одлична основа за љубов.

Инаку, Драгана како единствена девојка таму, сега откако госпоѓа Теута, сопругата на Роко, се вратила во Тетово, се грижи и за тоа униформите на момците да бидат секогаш чисти и испеглани, а правењето салати веќе не ѝ е проблем како првата година кога сѐ уште учела како се прават.

Се разбира, ја научил газда Роко, а таа вели: „Отпрвин ми беше тешко зашто никогаш претходно не сум работела во кујна, а и ова не се шопска и македонска салата, туку се покомплицирани и пофини салати со поинакви состојки, со морски плодови, со манго, авокадо и така натаму. Но, сега веќе не ми се проблем“, тврди таа.

На Драгана сѐ уште ѝ е интересно тоа што тука доаѓаат многу славни личности. Некои од нив, како Мајкл Џордан годинава и две манекенки од Викторија’с сикрет за кои не можеше да се сети како се викаат, ги видела лично, а за други само прочитала во медиумите дека биле тука.

Таа своето време за одмор го користи за да отиде на фризер или малку на плажа, а за спиење, вели, „ќе спијам кога ќе помине сезоната и кога ќе се вратам дома“.

Додека зборуваме, останатите, со оглед на тоа што попушти гужвата за ручек, се задеваат меѓусебе и гледаме дека одлично функционираат. Кире ја потврдува врската со Драгана и вели дека нема објаснување како и зошто, ама дека на Хвар годинава меѓу нив двајца се појавиле поинакви емоции.

Тие го задеваат шанкерот Енес кој се шегува дека сите девојки во пицеријата седнувале тука заради него, но и затоа што ги греши падежите кога зборува македонски. Ама ништо од сето тоа не е ниту злобно, ниту создава тензии меѓу колегите, напротив, сите тука се пријатели. Кире и Бетим меѓу гостите се снаоѓаат како риби во вода, а јазиците толку им се измешале што по грешка дури и нам почнаа да ни зборуваат како родени Далматинци.

Како и да е, убаво е кога ќе видите дека сите оние глупави проблеми на релација Македонци-Албанци, овде ги нема. Можеби за ова е најзаслужен газда Роко, кој го направил овој тим од соништата без да гледа кој е Албанец, а кој Македонец. Важно е да се наши деца.