Македонец на Хвар ќе прави пермакултурен камп и работилници за функционална исхрана

Нашиот соговорник веќе година ипол живее на Хвар, а цели 25 години во Хрватска и вели дека животот му е како годишен одмор, но не затоа што по цел ден лежи на плажа, туку затоа го работи само она што го сака. Најново е расчистувањето на купеното земјиште и поставување на темелите на она што планира да прерасне во пермакултурна градина и камп, кадешто ќе готви со медитерански, автохтони билки и ќе ги едуцира луѓето за функционална исхрана

0
1311

Скопјанецот Александар Виргилис веќе година ипол живее на хрватскиот остров Хвар, а цели 24 години претходно живеел во Загреб. Хрватите не му веруваат дека е Македонец, па оние кои не го знаат од претходно, се убедени дека е пургер (стар загрепчанец, нешто како нашите стари скопјани). Сето тоа време во Загреб работел како фризер, но завршил и пермакултура и работи и како готвач и консултант за функционална исхрана, односно, исхрана која е во функција на организмот. А неговото мото е дека менувањето на исхраната во функција на здравјето не треба да е мачење и постојано лишување од „забранети“ намирници, туку и нивна замена со нивна вкусна и поздрава алтернатива.

Како средношколец, во Скопје, учел за готвач па, како што вели, практично во животот станал сѐ што татко му велел дека треба да стане, а во тој период нему му делувало сосема непривлечно и туѓо.

„После основно татко ми ме праша дали сакам да ми отвори фризерски салон, зашто многу се занимавав со мојата и со косите на сите околу мене, а ми кажа и дека може да бидам многу добар готвач. Јас бев запрепастен: Јас фризер? Готвач? Нема шанси! А потоа…потоа станав и фризер и готвач, дури и во ист период“, се смее Александар со кого се најдовме на кафе во едно од хварските кафулиња кадешто тој е веќе позната фаца. Исто како и неговиот пес Рио кој за цело време на разговорот си седеше кротко до својот газда.

Минатата година откако решил да се пресели на Хвар и го ангажирале како готвач во најлуксузниот хотел на островот – Палас Елизабет, во паузите од работата во хотелот, одел на работа во фризерскиот салон кадешто работи и сега.

Годинава, повторно го ангажирале во хотелот, но незадоволен од екипата, дал отказ и во моментот кога го запознавме работеше само како фризер. Дека е добар во работата веќе се зборува помеѓу мештаните, па за него слушнавме и од госпоѓата која одгледува лаванда и продава производи со лаванда на градските тезги, но и од велешанката која работи во еден од рестораните на островот.

Инаку, Александар е градско дете, пораснат на скопските улици, како многу млад работел во култното кафуле „Медиум“ од кадешто неговите сопственици Силва и Ѓоко, го испратиле на приемен испит на Факултетот за драмски уметности, кадешто го примиле од прва, но подоцна се откажал бидејќи сфатил дека таму нема доволен предизвик за него.

А тој, вели, сака предизвици. Затоа и го прифатил предлогот на една госпоѓа со која случајно се запознал, а која држела школо за театарска шминка во Лондон, кога му предложила да појде таму и да заврши краток курс за театарска шминка. После тоа се вратил во Скопје, а потоа заминал во Загреб кај неговата тогашна девојка која му е сопруга веќе цели 24 години и наместо 10 дена, останал засекогаш.

„Дојдов во Загреб на 10 дена останав 24 години. Но како што минуваше времето, морав нешто да работам. Некои луѓе што ги запознав таму, ме испратија во еден салон и жената која го држеше, ме викна уште следниот ден да види што знам, а јас ништо не знаев, се плеткав нешто, правев фризури, но немав искуство. Сепак, таа ми даде шанса и почнав да работам таму. Работев скоро година дена, но како што сум таков свој и своеглав, не се вклопив баш добро со сите и си заминав. Потоа со уште една девојка со која работевме заедно во салонот, во 1999. отворивме заеднички салон, го држевме година ипол, а потоа се разделивме и двајцата си отворивме свои салони. Јас го држев мојот до 2019 година иако сметав дека со тоа ќе се занимавам само привремено додека не смислам нешто друго. А тоа друго беше мојата голема љубов, кулинарството. Готвам од дете и како и сите од моето семејство, секогаш сум готвел одлично, но искрено, тогаш не планирав да станам професионален готвач. Ама станав. И не само тоа, туку ја надградив оваа професија со некои други мои интереси. Запишав и завршив пермакултура и интензивно се бавам со прехранбени продукти, со тоа како се однесуваат тие, каков ефект имаат на здравјето, што прават во организмот. Така почнав да пишувам и лексикон за снаоѓање, односно, лексикон кој ќе ви помогне да го најдете својот начин на исхрана ако, на пример, не ви е добро варењето или имате анемија или каков било здравствен проблем.

Со оваа, таканаречена „функционална“ исхрана, почнав да се занимавам откако и самиот се разболев во 2016.година, добив некоја бактерија што не можеа да ја најдат и се спасив себеси најмногу со промената на начинот на исхрана. Имав менторка од Риека, докторка по интегративна медицина со која уште контактирам и успеав да се излечам, но и многу да научам. Сега работам и како советник за исхрана и како готвач подготвувам соодветни менија за сите кои ми се обраќаат со некој здравствен проблем или едноставно сакаат да го сменат начинот на исхрана во функција на својот организам. Тоа најчесто значи дека некои намирници мора да се укинат, а јас се трудам да им најдам замена. Експериментирам и се обидувам да направам нешто за да не мора луѓето да јадат нешто што не им се јаде, туку да добијат поздрава алтернатива за она што сакаат да го јадат.

Во последно време актуелни ми се печивата и правам разни кифли, пити и погачи, со спелтино, оризово, овесно брашно, со чиа семки, со наут, експериментирам со некои брзи рецепти, смислувам вегански прашок за печива, вегански сирења, вегански кајмак од индиски ореви, пиварки со крафт пиво, со комбинација од пирово и оризово брашно и шербет од шеќер од кокосов цвет, потоа равиоли полнети со спанаќ, праз и суви домати. Разни креми, тортици од урми, а од цветовите од кактусите кои изгледаат како Мики Маус и ги има низ цел Хвар, правам фил за торти. Мојата мисија е да најдам замена за забранетите намирници, замена која ќе биде во функција на организмот.

За ова, треба да ги познаваш сите механизми на прехранбените намирници, а тоа со курс не се учи. Јас во 2012 запишав пермакултура (Пермакултура е одржливо земјоделство, едноставно дизајнирање на нештата користејќи ги истите методи што ги користи природата) и купив земја во староградско поле, на Хвар, кадешто ќе правам пермакултурен камп и токму со таа цел и дојдов тука. Во моментов ја расчистувам земјата и сакам конечно да се фокусирам само на готвењето затоа што мислам дека не сум дал ниту пола од тоа што можам.

Цел живот сакам да направам нешто со свои раце, да си направам самиот куќа, камен на камен што се вели, па мислам дека токму сега ја добив таа шанса, купувајќи ја најзапуштената земја која не била обработувана 60 години, обрасната во шума, со камења расфрлани на сите страни. Сега секој слободен ден одам таму, средувам, ги тргам грмушките, сечам дрва, го враќам т.н. „сухоѕид“ (камен ѕид направен од камења наредени едни врз други кои помеѓу себе не ги поврзува ништо. Овие ѕидови се заштитени како културно добро во Хрватска).

Есенва планирам да почнам да садам медитерански билки и да готвам, но и да подучувам, да ги внесам повторно во исхраната тие самоникнати автохтони билки кои луѓето веќе ги имаат заборавено. На пример, никој не знае за мањига, односно планика, тоа е грмушка со листови како ловор и плодови како јаготки, која е многу здрава, полна со витамин Ц, а се јаде цела и расте секаде по брдава. Потоа нешпула, билка која дава плодови слични како жолти сливи од кои се прават пекмези, ракии, па мирта, која ја имам самоникната во градината, тоа се мали бобинки, одлични антиоксиданти, од кои се прават ликери или се ставаат во колачи. Се разбира, лаванда, смиље, жалфија, шпароги, а ќе засадам и нешто зеленчук. Имам 10 маслинки, а сакам да ја обновам и виновата лоза, бидејќи ова некогаш било виноград, но само со десертно грозје за јадење и повеќе естетски, како заштита од сонце. Инаку, ќе садам различни работи, по малку од се, нешто како ботаничка градина со што повеќе автохтони растенија. Планирам да направам кујна-шанк каде ќе се прави нешто од тие работи што ќе ги имам, а тоа што го немам ќе го земам од комшиите. Планирам ова да функционира и како мал расадник, да ги размножувам билките и да продавам расад во саксии“, објаснува Александар со страст.

Бидејќи сето ова бара многу работа, а тој решил да направи самиот се, вели дека никаде не му се оди ниту на одмор, а во работата ужива толку многу што му се чини како целиот живот да му се претворил во годишен одмор. Работи само тоа што сака и тука се дава 100 отсто. „Купив машини, пили, косилки и одам со радост да работам во секој слободен момент“, вели тој.

Затоа и не планира да доаѓа скоро во Македонија кадешто последен пат бил пред две години, за погребот на татко му. Сите негови пријатели од Скопје кои сакаат да помогнат, се шегува, ќе добијат сместување, ама ќе мораат да работат.

Кога доаѓа од Македонија задолжително носи везени пиперки, слатко од зелени смокви, ајвари, пинџури,…А сето тоа го користел и на своите работилници за готвење на македонска национална кујна кои се одржувале во Центарот за култура на исхрана во Загреб.

Сега, на тукушто наполнети 50 години, подготвен е за нов почеток на Хвар, кадешто наскоро ќе заживее неговиот пермакултурен камп, во кој ќе го прави тоа што најмногу го сака – ќе готви и ќе едуцира, ќе ги учи луѓето како да се хранат за храната да биде во функција на нивниот организам и ќе ги поттикнува да го направат тоа што го направил и самиот -да ги следат своите соништа.