Кумкват: вкусен лек за холестерол, кашлица, дијабетес тип 2, посилни коски…

Кумкватот во последно време е многу популарно овошје и тоа заради своите нутритивно богати состојки. Потекнува од Кина, a во Европа пристигнал во 19 век.

0
369

Кумкватот е малку поголем од грозјето, има овална форма, а неговиот вкус е горчливо-слатко-кисел, потсетува на мешавина помеѓу мандарина, грејпфрут и портокал. Може да се најде во продажба во зимските месеци, а интересно е што ова овошје се јаде и со кора, што му дава доза на сладост. Постојат неколку видови кумквати со различна форма, од кои некои имаат семки, додека други немаат.

Што содржи кумкватот?
Кумкват е одличен извор на витамин Ц и доволно е да јадете само неколку од овие мали плодови дневно. Покрај витамин Ц, содржи и повеќе влакна од другите овошја. Само пет цели кумквати содржат 16 грама јаглени хидрати, 2 грама протеини, 1 грам маснотии, 6,5 грама влакна, а содржи и витамин А, витамин Е, калциум, калиум, цинк, бакар и магнезиум.

Кората и семето содржат мали количини омега-3 масни киселини. Покрај тоа, дури 80 проценти од ова овошје е вода. Исто така, кумкватот има малку калории и не е толку сладок. Исто така, содржи флавоноиди, фитостероли и етерични масла кои се наоѓаат во кората.

За што е добар?

Покрај тоа што е одличен за заштита на телото и зајакнување на имунолошкиот систем поради големата содржина на витамин Ц, кумкватот е одличен и за заштита од срцеви заболувања, а го намалува и холестеролот. Исто така, помага во борбата против дијабетес тип 2, како и дебелината бидејќи еден кумкват има само 13 калории.

Заради калциумот е добар за коските, а заради влакната го регулира и подобрува варењето и ја отстранува подуеноста и запекот. Во Азија, кумкватот се користи како лек за настинки, кашлање и други респираторни проблеми.

Како да јадете кумкват?

Кумкватот се јаде со кора и по можност во еден залак за да се измешаат сите вкусови. Можете исто така да го исечете и да го јадете дел по дел. Колку подолго џвакате, толку посладок ќе биде вкусот. Ако не ви одговараат семките, можете да ги отстраните. Кумкватот мора добро да се измие пред јадење, освен ако имате среќа да ви расте во дворот или го набавувате од некој за кој знаете дека не го третира со ништо.

Ако го купувате, внимавајте плодовите да не се премногу меки, да не се зелени и да немаат дамки на кората. Изберете ги подебелите и поцврстите, а бојата треба да биде портокалова. Чувајте ги во фрижидер бидејќи можат да траат само неколку дена на собна температура, а потоа одеднаш ќе омекнат и ќе мувлосаат. Во фрижидер, пак, кумкватот ќе трае до две недели.

За што може да се користи?
Кумкватот може да се користи и за правење џемови или мармалади, како додаток на чај, може да се јаде и така, како портокал, да се додаде во коктели, но и да биде состојка во десертите. За оние кои сакаат да експериментираат со храна, кумкватот, исто така, може да се стави во салати, сендвичи и одлично се комбинира со пилешко.

Заклучок
Кумкватот е овошје богато со витамин Ц и влакна, како и други витамини и минерали. Се јаде со кора, а може да се користи и како состојка во многу рецепти. Треба добро да се измие пред употреба и да се чува во фрижидер за да не се расипе.