Кога стоматолог и професор по кларинет ќе станат пивомајстори…

Сигурно сте ја слушнале онаа поговорка дека, ако ја изберете професијата што ја сакате, повеќе никогаш во животот нема да мора да работите. Токму така се чувствува и нашиот соговорник Горан Бакревски, кој почнал како стоматолог со хоби пиварство, а сега е пивар со хоби - стоматологија и е вистински среќен мајстор за пиво, работа која ја започнал неговиот брат Марјан, инаку, професор по кларинет.

0
508

Горан Бакревски го запознавме на настанот во Битола на кој беа поканети млади луѓе кои имале идеја за стартап бизниси и наместо да заминат како многумина други, одлучиле да работат и да останат во родниот град. Тој и неговиот брат Марјан Бакревски, иако се едуцирале за сосема други професии, се нашле себеси токму во оваа – пиварството.

Браќата Бакревски се сопственици на првата Крафт пиварница во Битола, а нивното пиво „Бак“, чие име е едноставна кратенка од нивното презиме, го пробавме на самиот извор, во Битола и одлично ни легна, прво светлото, а потоа и темното кое, како што подоцна не информираше пивомајсторот, на наше изненадување, имало помалку алкохол од светлото и беше изненадувачки лесно за пиење.

Ако се водиме по дефиницијата на американското здружение на мали независни пиварници која вели дека пивото на етикетата може да го носи називот Крафт ако 80 проценти од сопствеништвото на фирмата е во рацете на мајсторот пивар и дека ниту еден процент не смее да биде во сопственост на мултикомпанија, тогаш нема дилеми дека „Бак“ е токму такво – занаетчиско пиво, со тоа што тука наместо еден, имаме двајца мајстори.

За да бидат работите уште почудни, мора да споменеме дека двајцата браќа се едуцирале во сосема други области. Горан е стоматолог и иако има само 30 години, веќе 5 години ја води својата стоматолошка ординација, но вели дека својата иднина, со оглед на тоа што има голем број стоматолошки ординации, а малку работа, не ја гледа во својата професија, туку во своето хоби-пиварството.

„Ако првично стоматологијата ми беше професија, а на пиварството гледав како на хоби, сега работата е обратна, и својата иднина ја гледам токму во оваа наша Крафт пиварница затоа што гледам дека трудот што го вложуваме ни се враќа“, вели Горан.

Неговиот брат пак, Марјан, кој како што вели Горан, е и главниот „виновник“ за нивниот заеднички ангажман, е професор по кларинет во музичкото училиште во Битола, со диплома од Музичкиот колеџ во Бостон, и усовршување на Универзитетот Моцартеум во Салзбург.

Тој е главниот конспиратор за почетоците на пивото БАК и сега за нив, и покрај нивните, други ангажмани, едниот со музиката, а другиот со стоматологијата, Крафт пиварството е веќе начин на живот. Занаетчиското пиво ги поврзува луѓето, а згора на тоа уште и ако станува збор за браќа, приказната е уште поинтимна. Крафтот е и креативност, и многу вложен труд и љубов и секако, многу пробување.

Токму така одговара и Горан на прашањето, како знаат кога и дали е пивото што го направиле добро: „Пробваме“, вели тој по битолски и се смее. И навистина е така, има ли подобар начин да направите нешто освен да го пробувате.

Тие двајца на почеток го правеле пивото во големо тенџере во дневната соба, и на истиот тој почеток нивните родители биле по малку разочарани заради тоа што нивните синови со златни професии, се фатиле со правење пиво.

„Не им беше сеедно што започнуваме со друга професија, но сепак добивме од нив безрезервна поддршка, а секако дека го пијат и нашето пиво. Мајка ни не е голем љубител на алкохол и го пие поретко, ама татко ни го обожава. И на двајцата им е секогаш преубаво и мило им е што сме среќни во работата“, раскажува Горан.

Иако со пивото почнале во дневната соба, а Марјан бил тој што ја повел иницијативата за проширување на капацитетите и отворање на микропивара, во однос на пивото Горан е тој што најчесто ги согледува недостатоците, а Марјан пак, знае или учи како да ги поправи наредниот пат.

„И пред пет години, кога ја отворив стоматолошката ординација, си правевме пиво дома за домашни потреби, а јас си работев како стоматолог, но не можам да кажам дека ми оди добро. Не има многу стоматолози, па од 200 стоматолози добро работат само 20-30, за разлика од пиварството за кое кај нас допрва се буди интерес и нема многу пивари. Иако сè уште работам во ординацијата, свесно ја намалувам работата и се вложувам во пиварството, луѓето се задоволни, а колку повеќе труд вложувам, ми се враќа назад. Понекогаш работам по 12 часа дневно, некогаш работам 4-5-6 часа, а попладне работам во ординацијата и засега успевам да ги менаџирам двете работи, но идејата ми е стоматологијата буквално да ја сведам на хоби, за разлика од претходно кога беше обратно. Сега ги форсирам работите во пиварата, и таму си ја гледам иднината, а не во стоматологијата“, вели нашиот соговорник.

Тие сега имаат микропиварница со капацитет за 10 илјади шишиња месечно, но засега прават само по 2-3.000 и тоа е за семејството и за затворен круг од пријатели, со оглед на тоа што сè уште ги чекаат документите и во моментов не се целосно официјализирани. Засега имаат три вида: јачменово IPA пиво, темно STOUT пиво и пченично, а периодов работат и на безалкохолно и на лагер пиво.

„Тоа ќе биде пилснер од фамилијата на лагер, како Амстел и ќе биде поевтино, зашто е пиво што е полесно и има помалку состојки во себе за разлика од крафтот кое има повеќе состојки и нормално, и цената му е повисока. Ова ќе биде нешто помеѓу индустриско и Крафт, полуиндустриско, односно, полукрафт“, најавува Горан.

Во меѓувреме, нивните мали серии на пива се со врвен квалитет, а тие низ годините, одлично си го научиле занаетот. Сепак, најважно од сè е што работат со љубов, а работа ги прави вистински среќни.

Затоа, да живее мајсторлукот кое од слад, хмељ, квасец и вода создава извонреден пијалак без вештачки додатоци, емулгатори и конзерванси и повеќе млади луѓе да си ја најдат својата професија од соништата.