Кога наместо скопски смог ќе ви замириса лаванда….

„Заштитен знак на 'Китка дарови' е лавандата, билката со која ја почнавме нашата приказна, а есенција на нашиот бренд е невенот, чии цветови ги користиме во речиси сите наши производи“, вели нашата соговорничка Бојана Ѓуровска која поголемиот дел од годината одгледува билки на семејниот имот во Годивје, а во зима го дише скопскиот смог опкружена со аромата на билките од кои таа и нејзиното семејство ги прават своите ароматични и органски производи.

0
714

Нашата соговорничка Бојана Ѓуровска, со семејството, последните 4-5 години живее на релација Скопје – Годивје, поминувајќи многу поголем дел од годината на втората, отколку на првата локација. Во Скопје Бојана работи во авторска агенција, а во Годивје – на нива.

Имено, таа и нејзиното семејство таму се занимаваат со одгледување билки кои потоа ги ‘пакуваат’ во чаеви, тинктури, креми, но одгледуват и прават и други нешта и полни се со идеи за нови предизвици. Се разбира, за ова е делумно заслужно токму убавото Годивје бидејќи, како што вели Бојана, животот во природа позитивно влијае на здравјето, и физички и ментално и духовно, а работата на нива, со билки – е медитација, додека пак престојот на чист незагаден воздух е непроценливо богатство.

Нивната приказна започнала со купување на семеен имот во регион кој остава без здив со својата недопрена природа во еколошки најчистиот предел на Југозападна Македонија.

„Нашите ниви се наоѓаат во атарот на село Годивје во општина Дебрца, на 900 метри надморска височина, на источните падини на Славеј Планина, на половина пат меѓу Кичево и Охрид. Микро-регионот на Дебрца му припаѓа на сливот на Охридското Езеро и е споменик на природата под заштита на УНЕСКО. Овој фактор гарантира чиста животна средина и нуди услови за еколошко производство. Во селото живеат околу 50-тина постојани жители и уште толку на релација град-село, најчесто од Охрид, Струга и Скопје. Се занимаваат со одгледување градинарски култури, домашни животни, храна за добитокот, собирање на диви плодови и печурки. Минатото лето се отвори и етно село, со сместувачки капацитет, ресторан и етно музеј. Во селото има и 4 цркви, Св. Спас, кадешто се празнува селската слава Спасовден, а се организира и ѓомлезијада секој август, обновената црква Св. Вартоломеј, единствена во Македонија посветена на овој светец, Св. Ѓорѓија, во која се празнува празникот Водици и која е позната по својот фрескопис и Св. Никола. Престојот во таа природна убавина и нејзиното изобилство со лековити и ароматични билки и плодови нé натера да почнеме да истражуваме како на најдобар начин да ги користиме лековитите својства на билките кои растат во околината. Потоа почнавме и да култивираме некои од билките кои не виреат таму. Понатаму го откривме благодетот од работата со почва, садење, берење на билки и нивна обработка.

Македонија изобилува со лековити и ароматични билки, кои од секогаш се користеле заради нивните својства, и тука и во светот. Ние се трудиме да ја продолжиме таа традиција на употреба на лековитите својства на билките преку нашите производи, како и да ја ‘потпомогнеме’ природата со одгледување на веќе постоечките, но и билки кои се култивирани и ги нема самоникнати во природата. Оттука и името на нашиот бренд КИТКА ДАРОВИ – дар од природата, дар од Дебрца.

Областа која одбравме да ја работиме нуди многу можности, инспирира и возбудува. Раскошните природни богатства на нашата земја се неисцрпни. Со нив и нашата приказна расне и се развива“, раскажува Бојана со таква страст што веќе се чувствувате како да сте во Годивје, среде аромите на билките и го полни гради го дишете чистиот воздух.

Тие престојуваат во селото поголемиот дел од годината, односно, во пролет, лето и есен се повеќе во Годивје, затоа што тогаш има повеќе активности околу билките, на нива, додека во зима се во Скопје и ги спремаат производите од билките кои ги продаваат под брендот ‘Китка дарови’.

„Како бренд на лековити, козметички и гастрономски производи ‘Китка дарови’ постои околу 2 години. Станува збор за семејно стопанство со широка палета на производи: тинктури, чаеви, оцет од диви јаболка, креми за лице и тело, миризливи соли за капење, миризливи теглички и зачини, кои ги изработуваме од почеток до крај, без било какви хемиски или други додатоци. Производите најчесто се достапни во ограничени количини бидејќи секогаш сме насочени кон квалитетот, а не кон количината која ја произведуваме.

Пакувањата на сите наши производи се еколошки и можат да се рециклираат. Инсистиравме на тоа и заедно со дизајнерите од ‘Контура’ – креативно студио за графички дизајн, ги спакувавме нашите производи следејќи ги современите трендови. Тие се заслужни и за комплетниот визуелен идентитет на ‘Китка дарови’ за кој добивме многу пофални зборови.

Дел од билките и плодовите кои ги употребуваме и одгледуваме за нашите производи, тинктури, креми, чаеви, зачини, миризливи купки и теглички се: невен, кантарион, нане, мента, мајчина душица, камилица, жалфија, лаванда, оригано, мајоран, глуварче, рузмарин, маточина, коприва, бозел, ехинацеа, чубрица, анасон, глог, млечен трн.

Заштитен знак на ‘Китка дарови’ е лавандата, со нејзиниот магично опоен мирис и релаксирачки ефект, билка со која ја почнавме нашата приказна. А есенција на нашиот бренд е невенот, традиционално познат по неговите совршени цветови, кои ги користиме во речиси сите наши производи.

Први производи кои ги пласиравме беа билните тинктури или концентриран екстракт од билки, за кои како солвент (средство за извлекување на сите лековити состојки од билките) се користи алкохол и дестилирана вода. Во нив извлечените лековити својства од билките се многукратно поконцентрирани отколку кога билките се користат како чаеви или на друг начин. Различните билки помагаат при различни здравствени проблеми. Така тинктурата од маточина помага при проблеми со дигестивниот тракт, главоболка и менструална болка. Тинктурата од коприва се користи при анемија, како диуретик и при артритис. Тинктурата од лист од глуварче се користи како диуретик, го намалува шеќерот во крвта, холестеролот и триглицеридите. Тинктурата од корен од глуварче го чисти црниот дроб, го намалува шеќерот во крвта и помага при третман на канцер на црн дроб, кожа и дојка. Тинктурата од плод на бозел спречува настинки и сезонски грип, поседува антивирусни својства и помага при лекување на херпес. Тинктурата од кантарион помага при депресија, забрзува заздравување на надворешни рани и ослободува од болки при разни воспаленија. Тинктурата од диво оригано се користи како антисептик и антибиотик, за стомачни тегоби, висока температура, при лечење на респираторниот тракт и го јакне имунитетот. Тинктурата од жалфија е силен антиоксидант, лечи воспаленија, помага при проблеми со дигестивниот тракт, болна менструација, синдром на менопауза, при третман на Алцхајмерова болест и при зголемена лактација кај доилките.

Понатаму се заинтересиравме за благопријатните својства на билките врз кожата и почнавме да изработуваме природни креми за лице и тело од маслена инфузија од маслиново масло и нашите одгледани билки, без било какви хемиски или други додатоци, за кои имаме голем интерес. Кремата од кантарион е дефинитивно фаворит кај нашите купувачи. Кремите, во зависност од комбинацијата на маслена инфузија од билките, се користат за смирување и дезинфекција на кожата, нејзина регенерација и помагаат при третмани на бактериски, габични и вирусни инфекции на кожата.

Нови козметички производи ни се миризливите теглички и купки, кои го исполнуваат просторот со опоен мирис на лаванда.

Со обработка на растителниот материјал, собирање, сортирање, сушење, правиме и разни мешавини на чаеви и зачини.

Од дивите јаболка, пак, правиме јаболков оцет, а од другите диви плодови, пред сé, бобинки капинки, трнинки, диви јаготки правиме вкусни ликери и џемови.

Секогаш истражуваме нови билки и нови производи. Најнова е нашата градинарска секција и за почеток одгледуваме португалско-италијанска сорта на домати – principe borghese, која е погодна за сушење. Со ова го најавуваме и нашиот нов производ – сушени домати во маслиново масло, зачинети со комбинација од наши сушени билки.

Нов производ ни е и шеќерот во прав помешан со мелена сушена лаванда, кој на сите напивки, како лимонада, чај или коктели им ја менува бојата во виолетова“, објаснува Бојана.

Сите нивни производи може да се нарачаат на нивната фејсбук страница Китка Дарови I Bundle of Nature, а доколку сакате да ги посетите во Годивје и да се запознаете со целиот процес на обработка на дивите и одгледани плодови и билки до финален производ, можете да го направите тоа преку платформата #genuinexperiences.

Станува збор за платформата која е во тек со светските трендови во туризмот, каде во моментов најбарани се токму автентични искуства од местата кои се посетуваат. На овој начин преку запознавањето со локалното население, посетителите имаат можност за поинакви доживувања, за активно учество во секојдневните активности на домаќините, запознавање со локалните културни традиции, поддршка на локалната економија, како и зачувување на животната средина.

Гости на првото автентично искуство

Нашето автентично искуство и посетата на ‘Китка дарови’ започнува со запознавање со природните богатства, богатата историја и народни традиции на село Годивје, како и поширокиот регион на општина Дебрца. Потоа, во зависност од годишното време, нашите постители можат да учествуваат во процесот на производство на нашите производи: садење билки или берење билки и плодови од нивите, како и од околните ливади, одбирање на корисен растителен материјал за работа од собраните билки и плодови, подготовка за сушење, потопување на одбраниот свеж или сушен растителен материјал во адекватен солвент за отстојување и извлекување на лековитите својства, како и во процесот на финална подготовка на производите – тинктури и креми. Во склоп на нашата работилница има и сушарница, која функционира во природни услови и на традиционален начин. Во работилницата се изложени производите, како и брошури за нив, во кои се објаснува начинот на употреба и лековитите својства на производите.

Со целото ова искуство  што го нудиме посетителите се запознаваат со целиот процес на обработка на дивите и одгледани плодови и билки до финален производ, со што се побогати за една вештина, учат како да си подготват сами лековита тинктура или крем за лице и тело од природни состојки без никакви штетни додатоци.

Сите посетители на ‘Китка дарови’ ги очекува и мала закуска со гастрономски специјалитети подготвени со нашите билки, кои секогаш се трудиме да бидат специфични и предизвикувачки. На пример: локално козјо сирење одлежано во маслиново масло кое е зачинето со невен и мајчина душица, комбинација на билни чаеви, чипс од свежи листови жалфија, освежителна лимонада зачинета со корејска мента, одгледана на нива, селски колачиња со арома на лаванда и слично. А промовирањето на овој тип агрокултура, има благопријатно влијание и врз природната околина и ги чува и негува традиционалните вештини.

Платформата genuinexperiences профункционира минатото лето во ек на пандемијата, такашто всушност и немаме искуство како таа ќе функционира во нормални услови. Летото имавме посетители од Македонија, како и неколку тури посетители од Полска. Таму пандемијата не се ни чувствува, секако е полесно времето да се минува во природа, на чист воздух, со активности околу билките“, ја завршува својата приказна Бојана со покана, со доаѓањето на потоплите денови да одиме да ги посетиме и да се увериме.