Кисели ротквици: привлечни, вкусни и здрави

Дали сакате кисел зеленчук и не можете да замислите ручек без барем еден таков прилог?Ако ви е преку глава од кисели краставички, пробајте ротквици со кои се веќе полни пазарите.

0
253

Сигурно веќе забележавте дека пазарите се полни со салати, млади зелени кромитчиња и лукчиња и секако, со ротквици. Ако сакате кисел зеленчук, а веќе ви е преку глава од кисели краставички, пробајте да направите кисели ротквици.

Покрај тоа што ќе ве воодушеви со својот вкус, ќе ве освои и со црвено-розовата боја и ќе ви ја разубави трпезата.

Киселите ротквици ќе го подигнат вкусот на речиси секое јадење што ќе го ставите на масата.

Тие ќе им се допаднат дури и од оние кои не се љубители на овој пролетен коренест зеленчук без кој е незамислива и велигденската трпеза.

Подготвени и закиселени на овој начин, ротквиците ја губат својата лута нота и стануваат слатко-киселкаст додаток на јадењата или прилог.

Придобивки од ротквиците

Ротквиците спаѓаат во супер здрав пролетен коренест зеленчук. Покрај со влакна, тие се богати и со витамини и минерали. Одличен извор се на калиум, калциум, магнезиум и витамин Ц и имаат многу малку калории.

Одлични се за дигестивниот систем бидејќи ја намалуваат надуеноста и ја поттикнуваат перисталтиката на цревата.

Конзумирајќи ги, можете да го намалите крвниот притисок и да поттикнете чистење на бубрезите.

Благодарение на нивното својство за хидратација и разбивање на маснотиите, тие се одлична храна за слабеење и пролетно чистење на организмот.

Со закиселување, ротквиците ја задржуваат својата крцкавост, а со процесот на ферментација, кој започнува откако ќе ги затворите во тегла, тие стануваат одлична храна за добрите бактерии во вашите црева.

Готови за само неколку минути!

Рецептот за кисели ротквици е едноставен: измијте ги и исечете ги, ставете ги во тегла и наполнете ја со топла течност за киселење.

Но, и покрај тоа што можете да ги подготвите за само неколку минути, ќе треба да бидете трпеливи неколку дена за да стасаат малку.

Вака закиселените ротквици се одличен додаток на сендвичи, тортилји и во салати и совршено се вклопуваат како прилог со многу јадења.

Исто така, ротквиците подготвени на овој начин се одлична идеја за подарок доколку сакате да развеселите некој страствен гурман.

Кисели ротквици – рецепт

Состојки:

1 китка ротквици, измиени и исечени на тенки парчиња
½ шолјичка јаболков оцет
½ шолјичка кафеав шеќер (или 2 лажици јаворов сируп)
¼ шолјичка вода
1 лажичка сол
1 лажичка семе од синап
½ лажичка црн пипер во прав
1 ловоров лист
½ лажичка црвен пипер во прав

Приготвување:

1. Ставете ги исечените тркалца ротквица во топла, стерилизирана тегла (ставете чиста и измиена тегла во рерна загреана на 150 степени околу 10 минути).

2. Ставете оцет, шеќер, вода, сол, зачини и ловоров лист во тенџере и оставете да зоврие.

3. Истурете ја топлата течност врз ротквиците. Остави малку слободен простор на врвот. Избришете го горниот раб на теглата и ставете го капакот. Оставете ја теглата да се излади (околу 1 час).

4. Пред консумирање, ротквиците ставете ги во фрижидер најмалку 6 часа, но најдобро е да ги оставите неколку дена за да се закиселат.

Киселите ротквици, неотворени, може да траат околу 4 месеци. Откако ќе ја отворите теглата, консумирајте ги во рок од една недела или две и чувајте ги во фрижидер.

Дополнителни совети:

Наместо ловор, можете да додадете копар, нане, анасон или босилек.

Фото: Pexels