И во време на корона животот на ‘Наша фарма’ не се менува, а има и јајца за Велигден

Жарко Василевски е дипломиран новинар, а вработен е во секторот за маркетинг и односи со јавност во Клиничката болница „Жан Митрев“. Освен ова, тој е и фармер. Неговата 'Наша фарма' скопјани веќе добро ја знаат по производството на природни јајца. За кокошките, згодните петли, и другите птици на фармата се грижи целото семејство кое иако контактите со клиентите сега ги свело на минимум, сепак се тестирало од Ковид - 19. Нивните тестови се негативни, а испораката на јајцата за Велигден - безбедна и на време.

0
2156

Семејството Василевски, Жарко, неговата сопруга Ирена и синовите Давид и Михаил, пред четири години се преселиле и го создале својот нов дом на фармата која скопјани веќе многу добро ја знаат како „Наша фарма“, кадешто конечно можат да живеат онака како што од секогаш сакале – во сојуз со природата и животните.

„Наша фарма“ се наоѓа во Ново село, во скопската општина Ѓорче Петров, а таму, како дел од новиот живот на семејството Василевски, се и нивните миленици – едно чудо кокошки и по некој петел – кој од кој поубав, поголем и пошарен.

Актуелната состојба на пандемијата со коронавирус, не влијаела многу на животот на „Наша фарма“.

„Ние и така сме изолирани во село по наша желба и така сакаме да остане. Единствено ни пречеше ограничувањето на движењето во однос на временските периоди, но и тоа го надвладеавме со добар план и програма во работата. Станавме уште попрецизни и побрзи во доставата на јајца. Целава состојба не направи едноставно уште попрофесионални и едноставно, без грешки.

Исто така, бидејќи имаме контакт со нашите клиенти кои сега ги сведовме на минимум па дури и немавме директен контакт сепак направивме тестирање од Ковид – 19. Тестот е негативен, што и го очекувавме, но, сепак довербата што ја имаме од семејствата во кои испорачуваме е ОГРОМНА, и нема да ја загрозиме никогаш со ништо. Ги почитуваме сите правила за однесување кои се во насока на заштита и на нас и на нашите клиенти. Сепак, со тоа не се фалиме, но ете сега го споменуваме оти не прашавте. Доволно сме свесни што треба а што не кога е во прашање здравјето на сите нас“, вели Жарко во разговорот за „Арт кујна“.

Сакаме да придонесеме да се научи да се цени вистинската храна

„Од секогаш многу сум сакал животни и си ветив дека еден ден ќе си направам свој ранч, своја фарма. На почеток идејата поради која почнавме да чуваме кокошки и воопшто, идејата да се преселиме во селска средина, беше да произведуваме здрава, чиста и еколошка храна за нашето семејство. И на почеток произведувавме храна само за нас, а потоа почнавме и за роднините и пријателите и сега веќе имаме редовни муштерии за нашите домашни јајца. И јас и сопругата и нашите деца, ја сакаме природата, животните, растенијата, сакаме да бидеме близу до природата, да ја менуваме позитивно околината, да ја облагородуваме, и сето тоа придонесе сѐ повеќе да произведуваме храна.

Наша Фарма е прва фарма за производство на еколошки јајца од кокошки во државава која е организирана на традиционален начин. Произведуваме органски јајца од кокошки и ги дистрибуираме до дома, а оние кои сакаат, можат да дојдат и тука и сами да си ги соберат. Во иднина планираме да направиме и гостинска куќичка кадешто ќе можат да престојуваат оние кои сакаат да бидат фармери, па ќе им биде овозможено да се грижат за животните, да ги хранат, да ги собираат јајцата и да си зготват нешто со тоа што ќе го соберат и сработат, едноставно, да почувствуваат како се раѓа вистинската храна, како се произведува, колку е таа вредна, и на крај, колку е вкусна. Сакаме да придонесеме да се научи да се цени вистинската храна, колку внимание, труд и време се потребни за таа да се произведе.

Постојано доаѓаат луѓе, и наши и странци, не откриваат, а чести гости се и семејствата со деца кои наместо во зоолошка градина и во трговски центри доаѓаат на нашата фарма да бркаат кокошки, да гледаат пилиња, да се извалкаат ако треба и во кал, да берат овошје, да ја надополнат врската помеѓу човекот и природата и тоа ни е целта во иднина, на што повеќе деца да им покажеме дел од природата. За жал, има деца кои никогаш претходно не згазнале боси на земја и на трева и не знаат да одат на нерамен терен“, вели нашиот домаќин Жарко Василевски.

Нашите кокошки јадат пченка, пченица или јачмен, но и трева, бубачки и црви

„Производството на јајца од кокошка е доминантно но имаме и шатки , дукатки, мисирки, фазани, препелици, а наскоро ќе ни стаса и двојка Ему птици. Дел од овие јајца исто ги нудиме на купувачите и интересот е огромен. Цената на јајцата е 20 денари едно или 600 денари за цела табла од 30 јајца. Јајцата од препелица чинат наполу од овие цени, односно, 1 јајце е 10, а цела табла – 300 денари.

Производството ни е еколошко, домашно селско јајце и се трудиме максимално кокошките да бидат слободни и среќни. А тие се интелигентни животни па околу нив и нема многу работа. Си го знаат местото кадешто јадат, кадешто несат јајца, а пред самрак си легнуваат сами на местото кадешто спијат. Ние се грижиме да имаат секогаш доволно храна и вода и секако, да бидат безбедни, да ги заштитиме од грабливци, куќиња скитници, ласици, куни. Јадат пченка, пченица или јачмен, но додека шетаат си јадат и трева, бубачки, црви, поради што и нивната вредност е поголема во однос на квалитетот на јајцата. За викенди особено уживаме, имаме мал овоштарник во кој ја имаме секоја можна овошка. Вишокот што паѓа скапува, и пак си го јадат кокошките, па така направивме еден цел биодинамичен круг кој одлично си функционира.

Бидејќи станува збор за еколошко производство не можеме да го исфорсираме, па и бројот на јајцата е ограничен и понекогаш и не можеме да ја задоволиме побарувачката. За среќа, за Велигден секогаш има повеќе јајца со оглед на тоа што во овој пролетен период кокошките и природно несат повеќе зашто е топло и се активира нивниот репродуктивен систем“, раскажува Жарко.

Рутерот на „Наша фарма“ е вклучен најмногу час и половина

На фармата е ангажирано целото семејство и сите работат со голем мерак и елан.  И децата, Давид, кој е четврто одделение, и Михаил кој има пет години,  исто така учествуваат во работата на фармата.

Ним, најголема радост им е кога им се изведуваат малите пилиња и другите животинки како мачиња, кутриња, зајачиња. Кога ќе се изведат мали пиленца, родителите им дозволуваат да си играат со нив, да ги чуваат, да ги бакнуваат, да ги гушкаат, да си имаат омилено пиленце како што и имаат и омилен петел.

„Во фармата партиципираме сите и тоа не го сфаќаме како работа туку како задоволство, еден вид рекреација, одмор, хоби…

Викендите за нас се посебни. Појадуваме на фармата, најчесто, ровко варени јајца или јајца на око, а и сопругата меси разни печива, торти, колачи, нормално, сето тоа со домашните јајца има сосема поинаков вкус. Децата си прават куќичка на дрво, трчаат, си играат со пилињата, се качуваат на дрвја. Секако, имаат мобилни телефони и компјутер и се во тек со сите техничко-технолошки моменти на модерниот живот, но имаат ограничен период кога ги користат, а тоа е еден ипол час, најчесто навачер, откако ќе ги завршат обврските. После најмногу час и половина, кога ги гледаат омилените цртани сериии и јутјуб, иако редовно сакаат тоа да е подолго, сѐ завршува. Впрочем, кај нас рутерот е постојано исклучен, а се вклучува само во периодот кога сме договорени да гледаме интернет, па во меѓувреме гледаме и нам да не ни треба“, објаснува Жарко.

За време на викендите тие најчесто по појадокот, кој секогаш кога тоа го дозволуваат временските услови, е во дворот, работат на фармата, ги чистат просториите во кои спијат кокошките, ги дезинфицираат садовите за вода и за храна и слично.

„Во овој период имаме и мали пилиња и квачки што ги лежат. На секоја кокошка која е здрава и живее природно и не е хибриден индустриски вид, ќе ѝ се појави нагон да стане мајка, најчесто во пролетниот период, ќе најде скришно место и ќе почне да снесува јајца кои ќе ѝ бидат бебиња, најмногу 10-15 јајца, и залегнува врз нив. Ние често кога ќе видиме дека ќе легне на небезбедно место и го преместуваме гнездото на безбедно место. Но некоја знае да не изненади и после 21 ден наеднаш да излезе од некаде со веќе изведени пилиња, а ние не сме ја ни виделе дека некаде залегнала. Имаат најчесто точно одредени места каде ги несат јајцата, шатките несат секаде, а кокошките само кадешто имаат гнезда“, објаснува Жарко.

Со нивниот пример сакаат на луѓето да им дадат различни правци на размислување. На пример, дека не мора да се вработат во државна институција, туку може да работат многу други нешта. И најважно, дека може да се живее од фарма. Тие сѐ уште имаат други професии и не се одлучиле целосно да ѝ се посветат на фармата, но не исклучуваат дека тоа може да се случи.

Жарко е задолжен за маркетинг и односи со јавност во Клиничката болница „Жан Митрев“, а неговата сопруга Ирена  е економист и моментално работи во трговија, но доколку одлучат да ја професионализираат фармата до крај, планираат, како што вели Жарко, таа да биде носител на дејноста, поточно, главна фармерка.

Во новонастанатите услови со пандемијата најмногу им недостасуваат безгрижните лица на луѓето.

„Ни недостасуваат разговорите за обичните теми, за природата, за животните … сега секој зборува со страв од пандемија, вируси, болести… Не дека не треба да зборуваме за тоа, но не смее да не окупира во најголем процент од времето. Едноставно, бидете интелигентни во постапувањето, живеењето, делувањето…

Целава состојба со пандемијата мислам дека ќе не освести малце и ќе придонесе кон една побрза еволуција на целото човештво во многу сектори. Тоа времето ќе го покаже“, порачува Жарко.