Игор Џамбазов: Кога си пијан, сеедно ти е дали јадеш ќебапи или лосос

Јас го имав  изгубено чувството за вкус и дури сега почнав да ја чувствувам храната на јазикот. И вода кога пиев мене ми мирисаше на ракија. Сега кога јадам, знам што јадам, а она што најмногу ми помогна за подобрување на здравствената ситуација, освен доктор Жан Митрев, е маџунот! - ни раскажа Игор пред околу 1 година, во интервју за нашето списание „Арт кујна“.

0
1532

Пред една година, непосредно пред да почне пандемијата на ковид-19, во сè уште нормални услови, во ресторанот „Гурмет“ во скопско Дебар Маало се сретнавме со најголемата македонска ѕвезда, актер, шоумен, ТВ-водител, музичар, писател и текстописец, Игор Џамбазов, кој е секогаш интересен соговорник, па дури и кога не е баш најкомпетентен да зборува на одредена тема. Како во случајов, кога за нашиот старо-нов магазин „Арт кујна“ (кој за жал, поради пандемските околности повеќе не излегува), зборувавме со него на темата – храна.

Последнава година откако е во љубов со нашата планинарка и уметница Илина Арсова, можеби внел дополнителни измени во својата исхрана, но веруваме дека ја задржал својата навика за која ни кажа дека му го спасила животот. Имено, последните седум години (сега веќе осум), прво што прави секое сабајле е да се напие една голема голтка маџун, а истото го прави и навечер, пред да си легне.

„После последната операција кога отидов на контрола кај д-р Жан Митрев, наместо како дотогаш наутро да се појави сестрата со моите резултати од крвта, дојде докторот со досието неотворено под пазува и ми вели: ’Ќе мора уште една анализа на крвта да направиме‘.

Јас се извадив од памет, па го прашувам зошто, а тој ми одговара: ’Зашто на никого во лабораторија не му се верува дека е твоја крвта‘.

Ете, после една година редовно консумирање на маџунот со тоа темпо, голтка наутро и голтка навечер, крвната слика ми беше одлична. Во пролет, лето и есен пијам маџун, а во зима расолница. Е тоа, вели докторот, ми го има спасено животот“, ни раскажа тогаш Игор, додавајќи дека паралелно со маџунот почнал да консумира и природна алое вера која ја прават негови пријатели, маж и жена од село Петралинци.

Како дете, Игор ги испробувал сите можни вкусни кулинарски експерименти на неговата мајка, актерката Анче Џамбазова, но растел главно на фаст фуд.

Иако поголемиот дел од времето живее во Дојран, а на дојранчани денот им почнува со рибја чорба, тој појадува летна манџа, а рибата не само што не му е омилена храна, туку може на прсти да изброи колку пати ја јадел, и тоа речиси секогаш, за нечиј атер. Не знаеме дали сега, евентуално за атер на Илина, ја има почесто на своето мени, но тогаш, меѓудругото, ни раскажа за чорбата на неговиот дедо Петре (Прличко).

Во неговите детски денови кога семејно летувале во Градиште, неговиот дедо за својот именден на 12. јули правел чорба од 12 видови риби, практично, од сите кои живеат во Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, кои му ги носеле токму за таа намена, а Игор си сркал од чорбата.

„Во котлето ставаше главчиња од сите 12 видови риби и по малку од мевцето, ставаше луто, па дури и бамји и сите едвај чекаа да ја направи чорбата. Така што и јас како дете ја имам јадено оваа чорба, ама подоцна не знам што ми се случи. Веројатно откако почнав да мислам на тоа дека ако јадам риба, три дена ќе мирисам на риба, а особено дека ќе им мирисам лошо на женските, раскинав со рибите. Значи, не ми е проблем вкусот, туку мирисот на рибата иако ако ти ја спремат како што треба, како што на пример ми го спремија тука, во „Гурмет“, првиот (додуша и последен) лосос што сум го изел во животот, не само што не мириса лошо, туку има и преубав вкус. За атер на мојот пријател Петар Јанев, газдата на славниот дојрански заштитен знак – ресторанот „Фук-Так“, сум ја пробал неговата славна рибја чорба која тој пак, за мој атер ја имаше збогатено и со морски плодови, и можам да кажам дека ми е жал што сепак, едноставно не можам да го поднесам мирисот на риба“, ни раскажа Игор.

И така, иако живее во место во кое имаат многу автохтони и традиционални рецепти во кои токму рибите ја имаат главната улога, таа не е на списокот на омилената храна на Игор, туку тој дисциплинирано се држи до зеленчукот и до салатите.

А кога вели зеленчук Игор мисли на домати, пиперки, краставици, кромид и лук. Значи, никако не на, како што вели, „она што е сега модерно и што сите го јадат, она што нема никаков вкус, зеленото, брокула де“, но ниту на блитва и боранија. Тоа се работи кои нему едноставно не му се вкусни. Но затоа знае да си земе од пазарот во стар Дојран еден голем домат од сортата која дојранчани ја крстиле „Натали“, во чест на неговата поранешна колешка од Бингото, и да си го изеде како јаболко, одејќи накај дома.

Се разбира, станува збор за домати кои локалните жители ги садат во дворовите, па се непрскани, токму такви какви што треба да бидат. За салата ја признава само Цезар салатата и онаа што си ја прави самиот дома, едноставна, од домат, кромид и лута пиперка. Комбинацијата на домати и краставици, вели, нема никаква смисла затоа што тие едноставно не одат заедно, па кога нарачува шопска, нагласува таа да биде без краставици. Дури и по цена поради ова чудно да го гледаат.

Игор ни раскажа и кои се неговите омилени дојрански специјалитети, секако, без риба.

„Дојранчани имаат повеќе специјалитети и автохтони рецепти отколку Охрид или Преспа, зашто овој град секогаш бил линија на разграничување и место каде што се мешале различни култури и традиции. И сега е така. Тука останале малку дојранчани, ама дошле струмичани и отвориле бизнис, дошле гевгеличани, богданчани, валандовчани и со тек на времето не само што исчезнал дојранскиот дијалект, туку и храната како таква, затоа што сите донеле по нешто од своите локални специјалитети. Ама никој освен Дојран не може да се пофали со подобро слатко од смокви и со повкусна пита без ништо, која тие ја викаат комат. И навистина е штета што не јадам риби, затоа што тука се подготвува највкусниот крап, а во „Фук-Так“ се подготвува црвеноперка како на ниту едно друго место, на тој начин што рибата се затвора и од горе и од долу во нешто како кафез направен од езерските трски и така сè се спрема, па кога ќе се извади рибата има рецки од трските и го прима мирисот на езерото и на трските“, ни објасни Игор.

За себе вели дека е човек кој е израснат на брза храна и дека дури откако му се случија здравствените проблеми првпат почнал да размислува што јаде и како јаде.

„Знаете, малку е перверзно јас да ви зборувам на оваа тема, за храна. Дури неодамна научив што е добра храна, а што не е, што има холестерол, што нема, но најбитно од сè ми е што не пијам алкохол, а тоа, и тоа како може да го смени начинот на исхрана. Кога си пијан, сеедно ти е дали јадеш ќебапи или лосос. Јас го имав изгубено чувството за вкус и дури сега почнав да ја чувствувам храната на јазикот. И вода кога пиев мене ми мирисаше на ракија“, признава Игор.

Како дете Игор ја обожувал храната што ја готвела мајка му Анче, која не била само талентирана актерка, туку била талентирана и за готвење – правела бројни експерименти, но и одлични традиционални јадења, како што се сармички со лозов лист и сарми со кисела зелка, касато сладолед, мусака, елбасан тава, ајмокац, итн., а сè уште го памети и првиот експрес лонец што го донел татко му, во кој мајка му редовно готвела.

Игор вели дека веројатно и самиот не би имал проблем да научи да готви сè ама, вели, „за да готвиш, треба и да уживаш во тоа. Јас уживам само кога гледам како готват луѓето кои уживаат да готват. И многу ми е мило што сега сите почнаа да внимаваат на здравата храна, а младите почнаа да јадат кромид и лук“.

Ова не значи дека Игор не знае баш ништо да си подготви сам.

На пример, знае да си подготви речиси сè со јајца, но знае и еден рецепт кој го научил гледајќи на телевизија една баба од Велес – а тоа е рецептот со копанчиња и кисело млеко. Игор ги става копанчињата попрскани со маслиново масло и ги пече во рерна 10-тина минути. Потоа ги прелева со овчо кисело млеко и ги пече уште половина час. На крајот додава рендан кашкавал и ги допекува уште малку.

Исто така, има и свој рецепт за десерт кој го прави така што ги меша пудинзите од лешник, чоколадо и ванила со мелена плазма, ги става во силиконски калап за куглоф и го остава во фрижидер. Наутро си го јаде како сладолед.

Иако е латентен дијабетичар, бидејќи и татко му маестро Александар Џамбазов е дијабетичар, а и дедо му Петре починал од шеќер, тој многу сака благо.

„Кога ќе дојдам во Скопје веднаш се здебелувам и се мразам себеси кога во 3 сабајле ќе посегнам со раката барајќи по масата да не останало некое чоколатце. Кога сум во Дојран, од благо јадам само она што расте на овошките“, ни кажа Игор.

Единствената работа на која ѝ верува кога станува збор за слабеење и која ја пробал на себе, е безглутенската исхрана. За само еден месец ослабел 7 кг, но проблемот е во тоа што веќе вториот месец, бидејќи бил гладен, почнал да си прави екстра порции дома, па не издржал подолго на таа исхрана.

Овен овие здрави навики, Игор сега наместо три кутии цигари, пуши најмногу 10 цигари. На оваа тема, во негов стил, напишал и новела.

„Темата на новелата не е како да ги оставиш цигарите, зашто страстните пушачи како мене нема шанса никогаш да ги остават сосема, туку како да ги сведеш на неопходните пет кои ти причинуваат задоволство. Првата со првото кафе, втората, со второто, третата после ручек, четвртата после благо попладне, и петата после секс. Ако немаш секс, си ја префрлаш за следниот ден па утредента си имаш 6 наместо 5“, не насмеа Игор.

Успева да ги контролира цигарите, а деновите поминати без ракија ги брои (2 години и 32 дена беа на денот на разговорот). Решил да престане со ракијата кога последната чашка му излегла буквално низ носот.

„На полн аквариум ако му додадеш, ќе прелие. Тоа е Архимедовиот закон. А не беше лесно откажувањето, напротив, беше тешко како да се откажувам од хероин, а не од ракија, неспиење, ладна пот, тремор, ама нема тоа е, докторот ми кажа: ’Јас не знам да лечам, јас знам да сечам, од тебе зависи‘. А комбинацијата од ракија и никотин прави ѕид на моите артерии и вени, само ракија и само цигари не можат да го направат тоа, ама тие пак најчесто одат заедно. Затоа, нема веќе ракија“, си ветува Игор.

Иако повеќе не пие, Игор го сака седењето со пријатели во кафеани и ресторани. И сè уште го памети советот од дедо му кој велел: „Деца, боемштината не е во ракијата, туку во муабетот, во седењето, во жените, во гитарата …“

Фото: Стефани Христов