За едни мирисливи слатки јагоди, од една маалска продавница …

Не сум била во Инџиково, ама кога продавачот на пазар ми кажа дека јагодите биле прва лига, од старо семе и плус од Инџиково, некако ми звучеше како гаранција дека се добри. Е па не беа. И таман да се разочарам, дојдов дома, а таму – сè мириса на јагоди... Ги купиле моите во новата маалска продавница, и тоа, по пазарски цени

0
634

Не знам дали кога одите на пазар им поставувате прашања на продавачите. На пример, добри се домативе? Или, од каде се домативе, наши се или турски? Да не имаат од тој коренот зелен внатре? А вие ги садите или ги препродавате?

Или пак, благи се јагодиве? Од каде се? Да не се многу прскани?

Признавам, јас поставувам вакви реторички прашања, прашања чиј одговор веќе го знам, оти, кој продавач досега кажал дека нешто не чини?

Ама ете, прашувам особено кога нема многу избор или кога не знам сама да проценам дали е нешто добро или не. Обично прво ги мирисам намирниците, па потоа најчесто знам дали треба да ги купам или не и без да прашам какви се, ама сега со маскиве, моето најсигурно средство за процена, носот, не е функционално, а и непристојно е. Покрај коронава, тоа стана многу неприлично однесување.

Како и да е, откако излегоа јагодите и дојдоа до некоја поприфатлива цена, тргнав на пазар со намера да купам за проба барем 1 килограм. И нормално, бидејќи не можев да го почувствувам мирисот, го прашав продавачот дали се благи, од каде се, чии се… Тој вели, прва лига се, од старо семе, од Инџиково. Пробајте ако сакате. Ама сега ништо не може човек да проба нели, затоа што не само што јагоди немиени не е баш препорачливо да се јадат (една колку за проба и не е страшно), ама рацете недезинфицирани, па треба маска да вадиш и така, како и обично, полна со доверба реков, може, дајте ми 1 килограм.

Уште по пат накај дома ја извадив маската и ги мириснав. И сфатив дека да бев слепа, според мирисот, немаше да знам дали се краставици или јагоди. Ама готово, тоа е, дојдов на нашата улица и како што се приближував до дома, сè повеќе чувствував мирис на јагоди, ама не од тие во мојата торба. Стасав и гледам во дворот две гајби со јагоди, мирисаат како јагодите од времето кога бевме мали.

Снаа ми ги купила од маалската продавница покрај која поминува секој ден одејќи накај работа. Купила една, па се вратила по уште една, а следниот ден уште по две.

Што да прави, ѝ се намалија кога им писнавме сите заедно. Не може човек да престане да ги јаде. Што би рекле, и мирис, и вкус, перфектни. Од моиве никакви од старо семе, направив сладолед и нарачав една гајба од мирисливите и за мене.

И тогаш првпат влегов во нашиот маалски дуќан во Тафталиџе, а таму, да му е мерак на човек да влезе. Имаше порано на тоа место еден мал неугледен минимаркет, од кој Џоле, така ми се претстави сегашниот сопственик, направил супер простор, чист, еколошки, без кеси и пластики, сè што треба е спакувано во тегла или во дрвена гајба и се продава во хартиени кеси, и тие со мерак направени.

Иако веќе проверено добри, прашав од каде му се јагодите, овојпат за да знам каде има добри јагоди. И не беа од Инџиково, туку од Шишево, а сите производи влеваа надеж дека не мора да е баш сè отровно и прскано, ама не мора и да е органско и скапо. Доволно е да знаеме дека доаѓа од мали производители кои можеби и немаат сертификат за органско производство, но одгледуваат зеленчук и овошје и за себе и за своите семејства, па не ги третираат со пестициди. А таму имаа одличен избор, овошје, зеленчук, но и домашно кисело млеко, домашен јогурт и рикота, зачини, макала и путери, Лесновски мед, и сè онака, во скромни количини, ама доаѓа од прва рака.

Малку по малку ќе испробаме и ќе видиме дали и останатите производи го заслужуваат истото внимание како јагодите, а дотогаш, нека мириса сè на јагоди.

А да, и знаете што? Сопственикот, бидејќи немав сопствен превоз, ме остави пред дуќанот да чувам стража, а тој ми ги однесе моите мирисливи јагоди до дома со својот убав градски велосипед со практична рамка, таман како за гајба. Ама не се надевајте залудно, нема достава, туку јас живеам близу, во соседната улица.