Кога наутро пиеме сок од портокал мислиме дека правиме нешто добро за нашето здравје, но не е баш така. Еве која е приказната за овој пијалак.
Имено, сокот има 36 грама шеќер по чаша, што е приближно исто како три поголеми крофни. Сокот од портокал е богат со витамин Ц, но е полн со фруктоза, шеќер кој се наоѓа во овошјето, а нашето тело лесно го апсорбира.
Студиите ја поврзуваат високата потрошувачка на фруктоза со опасното сало на стомакот, но и со отпорноста на инсулин. Високиот внес на фруктоза во телото може да ги наруши метаболичките процеси.
Овошјето е неопходно во исхраната. Богато е со антиоксиданти кои се борат против опасните слободни радикали. Овошјето има многу влакна, витамини и минерали и секако, овошјето во исхраната помага за одржување витка линија и го намалува ризикот од дебелеење.
Експертите истакнуваат дека кога јадете свежо овошје, за разлика од сокот од портокал, добивате многу влакна. Овие влакна го штитат и во исто време го забавуваат варењето на овошниот шеќер во организмот, што го спречува покачувањето на шеќерот во крвта.
Шеќерите од сокот немаат влакна, па брзо се метаболизираат.
Нутриционистката од Њујорк, Изабел Смит, истакнува дека овошјето секако е здраво, но дека треба да се внимава, бидејќи содржи шеќер. Ако претераме со овошјето и го јадеме во големи количини, тоа може да го подигне нивото на шеќер во крвта, како и овошните сокови.
Доколку сакате да го намалите ризикот од дебелина и дијабетес, а сакате сок, можете да ставите парче портокал во чаша вода и нема да треба да се грижите за калориите или шеќерот, советува нутриционистката.
Сепак, ако сте умерени, сокот од портокал може да е добар избор кога сте настинати. Тој е добар извор на витамин Ц, а витаминот Ц е антиоксидант, кој може да помогне да се заштитите и од други здравствени проблеми.
Витаминот Ц во сокот од портокал може да помогне и да го намали ризикот од развој на неколку здравствени проблеми, вклучувајќи: некои видови на рак, кардиоваскуларни болести, макуларна дегенерација (AMD) и катаракта поврзана со возраста, настинка, а витаминот Ц што го содржи исто така може да помогне за здравјето на кожата.
Сокот од портокал е исто така добар извор на фолна киселина, која игра важна улога во синтезата на ДНК и помага во поддршката на феталниот раст и развој.
Сепак, некои од овие хранливи материи се губат за време на обработката и складирањето. Едно истражување покажало дека сокот од портокал што се купува во продавница содржи 15% помалку витамин Ц и 27% помалку фолати од домашно цедениот сок од портокал.