Досетливи трговци: Се продава тукушто испечена тиква

За сите кои не сакаат да се мачат со купување, носење, сечење и печење, овие досетливи трговци во ќумбето пред пиљара почнале да печат тиква.

0
732

Во пиљарата во комплексот пред ТЦ Лептокарија, ставиле ќумбе во какво што обично печат кикирики, но за чудо, оттаму не се ширеше онаа добро позната миризба на печени кикирики. Дури кога го здогледав натписот ‘Печена тиква’, веднаш на ќумбето сфатив дека внатре се пече тиква.

Одлична идеја за сите оние кои сакаат печена тиква, ама или им е претешка за носење и за сечење, или едноставно им е премногу да печат цела тиква. Тука можат да си купат точно толку колку што им се јаде и да ја добијат веќе исечена и испечена.

Инаку, за тиквата веќе знаеме дека може да се јаде во сите варијанти и дека е исклучително здрава, но помалку е познато дека таа содржи и аминокиселина која го стимулира лачењето на серотонин во организмот (хормон кој е одговорен за весело расположение и чувство на среќа). Затоа, наместо таблети, ако не сте расположени, купете си парче печена тиква. Во секојдневната исхрана, тврдат експертите, спречува вознемиреност и појава на депресија.