Додека вие спиете, тој работи

Ова е од оние лебови што се мешаат навечер, а сабајле ви преостанува само да ги испечете и се одлична варијанта за тие што немаат домашна маја, а не сакаат да ставаат многу квасец. За него е доволна само четвртина лажичка сув квасец

0
378

Состојки:

4 шолји брашно (овој го направивме само со бело брашно, за промена)

2 шолји млака вода

1 лажичка сол

1 лажичка мед

1/4 лажичка сув квасец

Приготвување:

Во еден поголем сад се ставаат сите состојки. Со вилушка се замешуваат состојките додека не се соединат. Го покриваме садот со влажна крпа и одиме да си легнеме.

Додека ние си спиеме, тестото си расте.

Сабајле кога ќе станете, најдете сад со капак во кој ќе го печете, истурете малку брашно на дното и префрлете го тестото кое обилно сте го попрскале со брашно, преклопете го од четирите страни, покријте го и оставете го да стои уште 2-3 часа.

Може да стои од 12 до 16 часа, во зависност од временските услови. Ако го правите во лето кога е многу топло, тогаш тестото треба да преноќи во фрижидер.

Вклучете ја рерната на 220°C и ставете го лебот да се пече најпрви со капак, околу 30 минути, а потоа, извадете го капакот и оставете го да се пече уште 10-15 минути.

Кога ќе го извадите покријте го со чиста крпа и почекајте да се олади. Ако сакате да биде кората покрцкава, тогаш не го покривајте веднаш со крпата.