Добра земја – добри луѓе, повеќе грижа – помалку профит, нула отпад

Повеќе грижа, помалку профит, е концептот на кој функционира првата задруга на потрошувачи на органска храна „Добра земја“, приватна компанија во која нема газди, туку секој има свои обврски и одговорности. Една од првите компании кај нас што ѝ објави војна на пластиката и место каде што се обидуваат да продаваат исклучиво органски производи по што попристапни цени за купувачите и што подостојни за земјоделците.

0
768

Нашиот соговорник Иво Бару е косопственик, поточно ко-задругар на „Добра Земја“ – Прва задруга на потрошувачи на органска храна и еден од оние среќници чија работа е и негов концепт за живеење. Добра земја, пак, се први регионални победници на натпреварот за зелени идеи кој кај нас го организира социјално иновативната организација АРНО.

Проектот има за цел да ги стимулираа и охрабри иновациите за зелени бизнис идеи на локално ниво и да ја истражи улогата на филантропијата во вклучувањето на локалните заедници кои генерираат зелени бизнис идеи. Зелените бизнис идеи генерирани од заедниците се однесуваат на употреба на локалните ресурси и ревитализација на исчезнувањето на традиционалните производствени синџири и пазари во заедницата.

Нам ни изгледа дека „Добра земја“ го спроведува ова навистина добро.

Однадвор гледано, тоа е продавница како секоја друга продавница за овошје и зеленчук. Мала и скромна, сместена во скопската населба Тафталиџе 1, но во суштина станува збор за комплексен еко-концепт што ги поддржува локалните и мали органски производители, но е и еден вид едукативен центар за одржлив развој и еколошки начин на живот.

„Добра земја“ е бастион на зелените идеи за подобар и похуман свет. Значи, она што не прави различни, се вредностите. Уште пред шест години, од самиот почеток и нејзиното конципирање од страна на основачките, „Добра земја“ не беше креирана со идеја за профит. Од самиот старт целта беше негување на одредени вредности … што и не треба да не чуди ако се земе предвид дека е основана од три жени. Веројатно природен инстинкт на жената е грижата, па оттаму и целата работа на „Добра Земја“ е завиена во една прекривка на грижа: грижа за природата, грижа за другиот, грижа за соработниците, за земјоделците, грижа за заедницата. Од таа грижа се раѓаат вредностите кои ги негуваме и ден денес и сакаме да веруваме дека тоа не прави еден редок и светол пример во нашето општество, кој се надеваме дека во иднина ќе го следат и други“, вели тој.

Инаку, „Добра Земја“ е регистрирана како задруга, што значи дека нема класична хиерархиска структура. Секој од нив е одговорен за одреден сегмент од работата, има свои обврски, додека одлуките се носат заеднички, на состаноците.

И уште нешто, таа е една од првите компании во земјава што ѝ објави војна на пластиката. Првата продавница во Скопје што ги исфрли од употреба пластичните кеси, истовремено залагајќи се за рециклирање и реупотреба, за намалување на еколошкиот отисок.

Иво бил од оваа иницијатива во периодот пред нејзиното официјализирање, кога преку волонтерска работа им овозможувале пристап до органска храна на неколкумина заинтересирани, не бил дел од неа при регистрирањето на задругата, но пред четири ипол години повторно им се придружил.

Нашиот соговорник тврди дека околу 80 отсто од производите во „Добра Земја“ поседуваат сертификат за органски производи.

„Има две овластени бироа во Македонија кои ги издаваат сертификатите врз основа на редовни контроли на производите, земање на примерок од почва и плод, како и правење на лабораториска анализа. Сосема мал дел од производите не поседуваат сертификат, но ги исполнуваат условите за хемиско нетретирано производство. Тие обично доаѓаат од мали производители кои не се во можност да ги покријат сите трошоци поврзани со процесот на сертификација. Откако лично ќе ги посетиме производителите за да се увериме во процесот на нивното одгледување и ќе направиме лабораториски тестови на производот, тој се стекнува со ознака „Производ одобрен од Добра Земја“ и се смета за еколошки производ. Кај најголем дел сум од производителите сум бил и јас лично, а некаде биле колегите. Бидејќи органското производство ги прави првите чекори кај нас, ние разговараме со неговите пионери. Имаме сертифицирани производители повеќе од десет години, во време кога воопшто не се дискутираше за органска храна, кога не постоеше никаква побарувачка. Не е лесно да си прв. Секој воден од свои лични побуди, тие го понесоа товарот да не едуцираат нас потрошувачите за значењето на овој тип на исхрана. Можете да замислите, мене ми е чест да ги познавам овие луѓе“, објаснува Иво.

Во однос на најчестите коментари кои се однесуваат на органската храна, а тоа е дека се прескапи, нашиот соговорник вели:

„И да и не. Но има реални причини зошто е тоа така. Сите процеси во органското производство се покомплицирани и бараат повеќе труд и енергија. Од наоѓање на семиња до препарати за заштита. Поголем е трудот што се вложува во производството, а поголеми се и загубите.

Но, би рекол дека во „Добра Земја“ имате избор. Доколку станете членови, и подигнувате неделна кошничка, добивате до 30 отсто попуст на сите производи. Членските цени мислам дека не се скапи. Исто така, секоја среда и сабота производите се по членски цени за сите купувачи. Се обидуваме да имаме што попристапни цени, но дозволете ми да обрнам внимание и на нешто друго. Сте се запрашале ли зошто конвенционалните производи се толку евтини? Сигурно не мислите дека цената е реална и сите фактори во ланецот се задоволни. Вие како купувач сте сигурно задоволни со ниските цени, најверојатно и откупувачите и препродавачите се задоволни од својата маржа и профит. Но, ако подобро размислиме ќе сфатиме дека цената е највеќе на грбот на земјоделците. На грбот на оние кои вложуваат најголем труд. Очигледно дека тука станува збор за изместени вредности. На политики кои декларативно се на страната на земјоделецот, а реално се многу далеку од него.

За разлика од тие ланци, ние сакаме нашите производители да бидат задоволни од откупните цени. Затоа и соработуваме директно, без посредници“.

Сепак, не смета дека пресудно за некој да стане купувач на органски производи е економскиот фактор.

„Би рекол дека нашите купувачи се луѓе кои се свесни за грижата за своето здравје, здравата исхрана и нејзиното значење. Луѓето сè повеќе стануваат свесни за штетноста на конвенционално произведената храна, што ни се нуди по супермаркетите и пазарите, па нашата цел е да ја направи органската храна подостапна за секого, Искрено, многу би ме радувало некогаш да имаме органски производи за сечиј џеб“.

За честите сомнежи на купувачите дека производите кои се продаваат како органски се навистина органски, одгледани на незагадена почва и произведени со земјоделски, биолошки и механички методи кои не се штетни по здравјето на луѓето и животната средина, Иво вели дека ја разбира скепсата кај граѓаните, но гарантира за производите кои се продаваат во нивната продавница.

„Сертификаторите одлично си ја бркаат својата работа, а и ние правиме дополнителни тестирања на производите. Имаме долгогодишни членови чии деца имаат алергиска реакција на прскани, хемиски третирани производи. Лично ги посетуваме сите производители. Сите овие фактори ми даваат право да одговорам потврдно“, вели тој.

А кога сме веќе кај децата, го прашавме дали како татко и самиот се труди оброците на неговото дете да бидат составени од органски намирници, дали е неговото дете од оние кои имаат среќа да го познаваат вистинскиот вкус на црешите и доматите.

„За едно дете да се храни 100% органски, во улога се многу фактори. Не е доволно само тато да работи во продавница за органска храна. Со оглед на тоа дека се храни и во градинка или кај бабите, би рекол нецелосно. Сепак овозможуваме колку што може, особено кога станува збор за овошјето и заленчукот. Плус, обожава шери доматчиња. За некои работи не сака ни да чуе, веројатно како сите деца. Има простор за подобрување.

 

Сме биле заедно неколку пати на посета кај производители, но посетите за мене се главно работни, па познавајќи го син ми и неговиот темперамент, тешко дека можам постојано да го носам бидејќи нема да можам да направам ништо друго освен да го занимавам него“, се смее Иво и додава дека „консумирањето е само дел од значењето на органската храна, додека нејзиниот поширок концепт е заштита на природата. На овој план можам со сигурност да кажам дека стоиме одлично“.

Последната година во „Добра Земја“ можат да се пофалат и со неколку новитети.

„Најпрво ќе го споменам креирањето на нашата онлајн продавница, shop.dobrazemja.mk. Станува збор за прва специјализирана е-продавница за локални органски производи, секогаш свежи и сезонски, доставени до вашиот дом. Со финансиска помош на Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост, направивме комора за ладење и добивме магацински простор, а тоа ќе има огромно влијание на нашата работа, а индиректно и зголемување на откупот од органските земјоделци. Тимот на „Добра Земја“ е дуплиран, а се зголемува и бројот на земјоделци кои пројавуваат интерес за органско производство. Се зголеми бројот на членови, а за нас членството е најважно, будејќи преку него задругата најмногу успева да ги достигне вредностите поради кои е креирана. Сите овие позитивни промени ни даваат надеж и ентузијазам да продолжиме со работа“.

Бидејќи една од клучните вредности на „Добра Земја“ е стремежот кон нула отпад, производите што ќе им останат се донираат.

„Статистиката вели дека на глобално ниво се фрлаат околу 30 посто од произведената храна, и дека според нивото на загадување и емисии на CO2 кое го креира производството на таа храна, доколку тоа би била една земја, тогаш таа би била трета по загадување, после САД и Кина. Овој податок е поразителен. Ние донираме храна. Донирањето на храната и реупотребата се на првата борбена линија со консумеризмот и сиромаштијата. Храната што ни останува ја донираме на социјално загрозени лица и семејства преку разни платформи со кои соработуваме, како што се: „Ајде Македонија“, „Ретвитни оброк“, „Храна, не оружје“/“Food not bombs“ и други. Особено сме горди на нашата солидарна соработка со самохраните родители, главно, мајки, додека она што останува го земаат и нашите вработени и земјоделците и го компостираат и на тој начин го враќаме во земјата која ни го дала“, завршува Иво.