Данска роденденска торта (Kagemand)

Рецептот и фотографиите за овој традиционален рецепт за данскиот Кегемен ни ги испрати скопјанката Валентина Петерсен. Кегемен е роденденска торта која традиционално се прави за детските родендени во Данска

0
511

Валентина Петерсен е скопјанка, и тоа од центарот на градот. Две години учела во „Никола Карев“, а последните две во „Јосип Броз Тито“. Завршила социологија на Универзитетот „Кирил и Методиј“, ама никогаш не работела во професијата. Вели дека уште од тие денови имала „идеја“ да се омажи за Скандинавец. И животот ѝ го донел Хенрик Петерсен, директно од Скандинавија, поточно, од Данска.

Нивната семејна приказна можете да ја прочитате ТУКА, а рецептот и фотографиите за неколку варијации на „темата Кегемен“ Валентина великодушно ги сподели со нас на нашиот портал.

Во семејството Петерсен оваа традиционална роденденска торта ја прават за сечиј роденден, а последен пат за 50.роденден на сопругот на Валентина, Хенрик, па дури и за родендените на двајцата домашни миленици Скаген и Сара.

Состојки:

За тортата:

150 гр путер

200 гр брашно

4 дл вода

6 јајца

2 лажици шеќер

За декорација:

Глазура

Бонбони

Приготвување:

Во тава ставете ги водата и путерот и загрејте ги.

Кога ќе се стопи путерот, додадете ги шеќерот и брашното.

Сите состојки добро измешајте ги во лепливо тесто.

Префрлете го тестото во поголем сад и оставете го настрана да се олади малку пред да продолжите.

Користете рачен миксер за да го измешате тестото со јајцата. Додавајте ги јајцата едно по едно. Тестото сега треба да биде меко и потечно.

Сега треба да бидете малку креативни. На задната страна на полутранспарентен лист хартија исцртајте го вашето човече за тортата. Превртете ја хартијата и ставете ја врз хартија за печење.

Пренесете го тестото на пергаментната хартија и следете ги линиите на исцртаната фигура. Имајте на ум дека тестото малку се крева и се шири преку нацртаните рабови. Ако премногу се крева, тогаш секогаш можете да искористите нож за да ја преобликувате тортата откако ќе се испече.

Печете ја тортата во претходно загреана рерна на 200 C околу 30 минути. Не ја отворајте рерната за време на печењето на тортата, за да не спласне. Понекогаш тоа може да се случи и по 30 минути, но не е страшно бидејќи дури и во тој случај вкусот е сепак одличен.

Оставете ја тортата да се олади и потоа украсете ја со глазура и различни видови на бонбони по ваш вкус.