Гладни сте, а не ви се готви?

Во топлите летни денови треба да се избегнува мрсна и пржена храна, а како алтернатива треба да се консумира храна која нема да го преоптовари желудникот и благотворно ќе делува на варењето, но и ќе го разлади организмот.

0
189

Летната исхрана подразбира внес на свежи намирници, како овошје, зеленчук, риба. Летните горештини имаат силно влијание на состојбата на нашиот организам. Високите температури предизвикуваат засилено потење, а со тоа и зголемено губење на телесните течности и електролитите.

Затоа во лето за идеални намирници се сметаат оние кои се богати со вода, витамини и минерали, како доматите, краставиците, пиперките, лиснатиот зеленчук, лубеницата, дињата и праските.

Затоа, ако не ви се готви, не се секирајте, потрудете се на вашата маса да се најдат шарени салати, ладни супи, свежи овошни и зеленчукови сокови.

Наместо да готивте, направете салата

Поради едноставноста и брзото подготвување, салатите можат да послужат како мали оброци и предјадења, и како прилози за бројни јадења. Со комбинирање на различни, но многу складни намирници, ќе добиете вкусен и здрав оброк со примамлив вкус и изглед.

Кој зеленчук да го одберете? Тука не можете да згрешите – сезонски. Комбинирајте го зеленчукот со месо како што се пилешкото, мисиркиното, риба, или пак со житарки, ориз, тестенини и овошје, зачинете со малку маслиново или масло од тиква и сок од лимон и уживајте во свежиот и богат вкус.

Освежете се со сладолед

Иако сладоледот и летото се неразделен пар, ние често забораваме колку калории има на тоа стапче. Сепак, постои здрава и нискокалорична алтернатива на класичните сладоледи, а тоа е замрзнато овошје, парчиња банана или бобинки кои ќе ве освежат и засладат. За да уживате во млечен и кремав десерт, треба да ги помешате замрзнатите парчиња овошје со разладен јогурт.

Запомнете – кога ќе почувствувате жед, веќе сте дехидрирале

Покрај лесните јадења и изборот на сезонска храна, клучно е да бидете сигурни дека ќе добиете доволно вода во текот на летото. Имено, дури и многу мала дехидрација може да предизвика главоболки, општ умор или недостаток на концентрација.

Луѓето кои пијат премалку вода имаат долгорочен ризик за заболувања на бубрезите, срцеви заболувања, ментални нарушувања и нарушувања на дигестивниот систем. Намалениот внес на течности го намалува протокот на кислород во срцето, мозокот, мускулите и сите важни органи, што ги прави помалку способни да ги извршуваат своите функции. Водата, освежувачките води со додатоци на лимон, нане, маточина или ѓумбир и незасладените чаеви ќе спречат дехидрираност и ќе нè наградат со убава и здрава кожа.

Фото: Pixabey