Време е: Распукани, слатки, меки, вкусни и здрави

Деновиве интензивно 'шпартам' пред куќата на мојата сосетка и постојано фрлам поглед кон стеблото натежнато од смокви. И конечно вчера - еве ги првите слатки плодови

0
320

Порано во задниот двор имавме една смоква која секоја година обилно раѓаше вкусни и слатки плодови кои мајка ми и сосетката, тетка Живка, рамноправно си ги делеа бидејќи смоквата беше токму на средина, помеѓу нашите и онака неоградени дворови.

Ама во меѓувреме, на местото од нивната барака никна зграда, смоквата прва ја исекоа. Оттогаш (само)никнаа неколку, но колку и да се надевавме дека некоја година на нив ќе се појават и првите плодови, тоа никогаш не се случи. Сите се јалови.

Ама затоа малку подолу на нашата улица, кај соседите, има една малечка ама раскошна смоква која и годинава е полна со плодови.

Ете вчера ги дочекавме и првите зрели и слатки смокви.

А што се однесува до здравствените придобивки од консумирањето смокви, тие се многубројни.

Смоквите го поттикнуваат здравјето на целиот организам, а стручњаците сметаат дека можат да решат бројни здравствени проблеми.

Иако ги нема преку целата година во свеж облик, сушените се достапни и во зима и во лето.

Свежи и сушени

Сушените за разлика од свежите смокви содржат многу повеќе калории па така во 100 г сушени смокви има 249 калории, но и 3,3 г протеини, 0,9 г масти, 69 г јагленохидрати, 5,6 г влакна.

100 г свежи смокви пак содржат 80 калории, 1,3 г протеини, 0,3 г масти, 20,3 г јагленохидрати, 2,2 г влакна.

И едните и другите изобилуваат со витамини и минерали од кои најзастапени се: витамин А, Ц, К, Б, калиум, магнезиум, цинк, бакар, манган, железо.

Здравствени предности на смоквите

Смоквите често се користат за лекување на чиреви, апсцеси и болки во ушите. Заради своето алкално својство, успешно ја регулираат киселоста на телото. Богати се со флавоноиди и полифеноли, антиоксиданси кои ги спречуваат оштетувањата предизвикани од слободните радикали.

Смоквите помагаат и при слабеење, бидејќи се богати со влакна и го сузбиваат гладот, а во комбинација со млеко пак, го поттикнуваат. Потоа, за респираторни проблеми, бидејќи лисјата од смокви ги превенираат и ги ублажуваат симптомите на астма. Исто така, тие го штитат видот од последиците од макуларна дегенерација, помагаат при еректилна дисфункција, спречуваат рак на дебело црево, ја регулираат столицата, ги јакнат коските и го спречуваат губењето на калциум, добри се за дијабетес затоа што калиумот од смоквите ја регулира апсорпцијата на шеќерот, а ги снижуваат и холестеролот и високиот крвен притисок и го штитат срцето од заболувања.

Епа сега, навалете!