Време е за дудинки

Според современите истражувачи, дудинката е супер растение, го намалува ризикот од дијабетес, холестерол, штити од срцеви заболувања, а помага и при слабеење.

0
273

Мајка ми секогаш раскажуваше за дудинката во нивниот двор на француски гробишта за која нејзиниот строг чичко со кого живееле во истата куќа, ги врзувал своите синови кога ќе направеле некоја белја. Така дудинката во мојата глава секогаш беше слика на дрво за кое е заврзано некое бесно дете кое гласно вреска да го одврзат и мојата мајка како плашливо девојченце кое ѕирка низ прозорецот.

Не се сеќавам кога сум пробала ама сум пробала и знам дека се доста слатки. Инаку, дома никогаш не сме јаделе дудинки, а почнав да ги забележувам токму деновиве бидејќи ги има на повеќе места низ градов.

Ако прогуглате ќе видите дека боболка, црница или дудинка е род на цветни растенија, кој содржи 10-16 различни видови. Достигнуваат 10–15 м височина, а плодовите можат да бидат бели, црни и црвени.

Според современите истражувачи, белата црница е супер растение. Велат дека белата црница го намалува ризикот од дијабетес, холестерол, штити од срцеви заболувања, а помага и при слабеење.

Количината на шеќер присутна во сушената црница е половина помалку отколку во другите бобинки, како што е сувото грозје. Според истражувањето, листот од црница има додатоци кои помагаат во нормализирање на нивото на шеќер во крвта.
Се користи како народен лек за лекување на дијабетес тип 2. Белата црница е богата со прехранбени влакна. Околу 20 проценти од нашите дневни потреби од растителни влакна може да бидат задоволени со количина од бела црница од само една третина чаша.

Редовната употреба на овие бобинки ќе доведе до намалување на холестеролот и подобрување на дигестивниот систем. Богати се и со антиоксиданти.

Според истражувањето на Универзитетот во Тексас, белата црница содржи ресвератрол, што е природен фенол. Корисен е во борбата против неколку видови тумори и срцеви заболувања.

Фото: Фејсбук