Вранецот доби светски ден

Панел-дискусии и мастер-класови со светски вински професионалци кои ја истражуваат сортата „Вранец“, во рамки на Светскиот ден на Вранецот, утре во хотел Хилтон, во организација на здружението „Вина од Македонија“

0
230

Со „Светскиот ден на вранецот 2019“, што ќе се одржи во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје утре (5 октомври) од 12 до 22 часот, оваа винска сорта ќе се постави на исто рамниште со останатите денови кога се слават меѓународните сорти ширум светот.

Настанот, Vranec World Day 2019, којшто е од исклучителна важност за винската индустрија во земјата, го организира здружението „Вина од Македонија“ (Wines of Macedonia).

Вранецот“ е нераскинлив дел од винскиот и културниот идентитет на земјава, но и на целиот балкански регион. Сортата оригинално потекнува од Црна Гора, кај нас е најзастапена и тоа со приближно 11.000 хектари лозови насади. Токму „Вранецот“ овозможува создавање на овошни вина со ароми од капина, темни зрели сливи и ноти на слатки зачини, многу препознатливи и карактеристични по својата интензивна боја. Често се користи и за блендирање со други сорти, бидејќи дава структура на виното, моќ и полност, како и потенцијал за понатамошно зреење. Се работи за автохтона сорта која е секогаш интересна за меѓународната винска публика, а една од омилените и кај домашната, има голема отпорност на високи температури“, вели Елена Младеновска-Јеленковиќ од здружението „Вина од Македонија“.

Програмата на манифестацијата опфаќа официјална инаугурација на „Светскиот ден на вранецот“ од највисокиот политички врв и од претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски. Во текот на настанот ќе има и панел-дискусии и мастер-класови со светски вински професионалци кои ја истражуваат оваа сорта. Меѓу нив се мастерите на вино Керолин Гилби (Carolyn Gilby), Дарел Џозеф (Darrel Joseph) и Питер Меккомби (Peter McCombie). Гости ќе бидат и вински новинари од Европската унија, меѓу кои Томас Брандл (Thomas Brandl) од Германија, како и вински судии, меѓу кои Николас Ангелина (Nicolas Angelina) од Велика Британија.

Манифестацијата ќе ја поддржат и други вински професионалци од регионот (сомелиери, истражувачи, специјализирани новинари, вински фотографи, блогери) од Словенија, Хрватска, Србија и од земјава. На настанот ќе се одржи и првата дегустација во насока на дефинирање на посебна чаша за „вранец“.

„Вранецот“ е сорта-знаменосец на балканскиот регион и нејзината светла перспектива во контекст на климатските промени е можеби најзначајната причина поради којашто расте интересот на светските производители за неа. Поради климатските промени црвените вина низ светот ја губат киселоста и свежината, но „вранецот“ ги задржува токму овие атрибути, истакнува Младеновска-Јеленковиќ.

За пошироката публика и сите заинтересирани посетители, попладнето ќе се одржи и ексклузивен салон на вина од сортата „вранец“, произведени од домашните винарници „Бовин“, „Брзанов“, „Вардарска долина“, „Венец“, „Визба Валандово“, „Далвина“, „Езимит“, „Имако“, „Камник“, „Картел“, „Кувин“, „Попов“, „Попова Кула“, „Пуклавец“, „Сопот“, „Стоби“ и „Тиквеш“, како и винарии од Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Салонот ќе биде отворен за јавноста од 16:30 до 22:00 часот, а влезниците може да се купат на мобилната продажна мрежа на www.karti.com.mk

Фото: Pixabey