Во центарот на Љубљана печат македонски ајварки

Додека ние се занимаваме и правиме вицови на наша сметка поради бизарната уредба за забрана на традицијата на печење црвени пиперки за ајвар пред зградите, во најчистиот европски град печат црвени пиперки во самиот центар. За некој кој веќе престана да пече пиперки затоа што државата „мрчи“, за тој, Македонецот, ова беше вистински шок!

0
1156

Автор: Александар Темков

Еве веќе втора година, љубљанчани намамени од магичниот мирис на печената црвена „капија“, кај нас позната и како „ајварка“, на две (некои велат дека има и три) локации, доаѓаат до скарите на јаглен поставени пред еден ресторан и пред една бурекџилница (и тоа лоцирани веднаш под Клиничкиот центар), и си купуваат по две-три убаво и рамномерно печени пиперки на пат накај дома.

И никој не се буни дека воздухот се загадува од скарата на јаглен, и ниту една инспекција не скока од зад грмушка за да ги лови „несовесните“ пекачи на пиперки заради нехигиенски или друг вид на стопанско-социјален прекршок. Оние кои си сакаат салата со печена црвена пиперка, лукче, маслиново масло и оцет, без никаков приговор доаѓаат, си плаќаат 2,5 евра за кило печени пиперки (а постои опцијата и две евра за кило непечени), и сите се среќни и барем на момент си замислуваат убава гастро слика која ќе си ја приредат дома.

Колку и да сме далеку со нашите балкански деструктивни манири од средената и законски уредената Европа, токму европска е разновидната понуда која Љубљана умешно знае да им ја понуди на трите милиони туристи кои секоја година ја посетуваат. Затоа што Љубљана е сепак и Балкан. Во овој котел се „крчкаат“ сите поранешни југословенси народи. И сите се еднакви и живеат еден со друг и работат еден за друг. И сите многу добро ги знаат традициите на другите до не така одамна, братски сонародници. И сите знаат за црвените пиперки од Македонија и за ајварот, и не почитуваат заради овој деликатес. Во големите синџири на европски маркети во Словенија секаде има ајвар од Македонија. Има ајвар и од Србија, и од Хрватска, па и словенечки „брендиран“, но нашиот им е некако најпримамлив.

Само ние тука свесно стратешки одиме со глава во ѕид и вредностите по кои другите не препознаваат и не почитуваат ги уриваме свесно, стратешки. Но имаме шанси по некое време повторно да си ги откриеме заспаните вештини со кои сме преживувале со векови.