Обично, кога сум некаде надвор од нашата држава, сакам да ги запознаам и даа ги посетам оние локали кои се декларираат како репрезенти на македонската национална кујна, па некако очекувам истите да се и достојни репрезенти на македонската музичка култура. Не знам зошто, мислам дека така треба.
За време на престојот во Загреб сакав да направам приказна за двата најпознати македонски ресторани во градот, во кои, освен во македонската традиционална кујна, за мене е логично посетителите да уживаат и во македонска музика.
Погрешна претпоставка и големо разочарување. Барем за мене.
Во Загреб постои и босански ресторан во кој се служат највкусните босански специјалитети кои се одлично вклопени во автохтоната босанска атмосфера, па во него, освен босански севдалинки нема шанси да се слушне нешто друго.
Чисто како пример.
Во таканаречените македонски ресторани пак, во кои очекував комплетно доживување на македонската традиција и култура што би вклучувало и музика, стихови и мелодии од народната македонска музика, која е нели, надалеку позната, ценета, сакана и слушана, за жал, трештеше турбо-фолк. Не сум познавач, па не знам дали беше српски, хрватски или и таков и ваков, ама знам дека немаше македонска музика.
За среќа, храната може и да ви ја спакуваат, се разбира, ако не сте подготвени да ја издржите тортурата на турбо-фолкот.
За жал, бев сведок дека многумина уживаат во оваа музика и претпоставувам дека најмногу пари се прават токму во таква „зовриена“ атмосфера во која млади девојки, жени и мажи, на цел глас врескаат бесмислени стихови кои немаат врска ниту со македонска музика, ниту со традиција, а најмалку со култура.
Сепак, си велам, ако во Загреб може да опстои босански национален ресторан во кој се слушаат босански севдалинки, а не турбо-фолк, зошто не би можел да опстане македонски национален ресторан во кој ќе се слуша нашата убава народна музика. Зарем не знаеме дека токму ние, каде и да сме во светот и без оглед дали сме некаде привремено или постојано, сме најголеми македонски амбасадори?!
И навистина е жално што ниту еден од двата ресторани, не се место со кое ќе се гордее кој било Македонец. Односно, кој било Македонец кој ја сфаќа улогата на националните ресторани на овој начин.
Имено, дека тие би требало да се најавтентичното обележје на, во случајов, македонскиот дух во угостителството, со оригинални рецепти верни на традицијата кои ќе бидат одраз на обилната и гурманска македонска кујна и не помалку важно, дека сето тоа треба да е надополнето со нотите на македонската музичка уметност, а не со некои новокомпонирани.
Не ги познавам лично сопствениците, иако со едниот се обидов да договорам и интервју, но верувам дека се добри стопанственици и дека тоа што го прават го прават најдобро што знаат. Но, искрено, откако ја видов атмосферата, бев среќна што сепак не успеавме да се усогласиме и да се договоривме за интервјуто.
А храната?
Па вкусна беше, ама залакот ми застана во грло.