Се сеќавам дека кога на баба ми ќе ѝ дојдеа пријателките, секогаш со кафето им носеше и по една мала чашка домашна вишновка.
Ние многу сакавме да ги јадеме вишните и ако не нè видеа навреме нашите, веќе после 4-5 вишни, почнуваа да ни удираат во глава, онака убаво нацицани со ракија.
Потоа традицијата ја продолжи и мајка ми. Секоја година правеше вишновка и кога пораснавме секогаш ни нудеше по една мала чашка во секоја кризна ситуација, трема пред испит, кавга со дечковците, после генералка, или онака, за да не опушти и да не потпраша нешто.
Тоа беше заштитен знак на жените од нашето семејство. Се разбира, традицијата продолжува и понатаму.
Стасаа вишните, а за 40 дена, ќе стаса и вишновката.
Потребни ви се: 500 гр зрели вишни; 1 литар ракија или уште подобро, џин; 300-500 гр шеќер или мед, по ваш вкус.
Земете стаклена тегла и ставете ги вишните, одозгора ставете го шеќерот и прелијте ги со алкохол. Затворете ја теглата и ставете ја на сончево место цели 40 дена. Од време на време протресете ја содржината на теглата.
По 40 дена исцедете го алкохолот во соодветно стаклено шише, а вишните не ги фрлајте. Можете да ги искористите за колачи или само да ги прелиете со црно чоколадо и да ги послужите наместо десерт.
Ние воопшто и не ги цедиме вишните. Кога ќе се испие вишновката, ги употребуваме во десерти.