Винодонија: Секоја година подобра и побогата, со многу стари и нови пријатели и винарии

Најголемиот вински настан на затворено „Винодонија“ 2019. се одржа викендов, поточно, во петокот и саботата (29-30.11), и повторно не збуни. На сите оние познати ликови и вкусови од изминатите три години „Винодонија“ – и многу нови. Неделата си ја дадовме за да ги преброиме новите визит карти и старите пријатели,  да одмориме и да ги средиме впечатоците, а оние кои предегустирале - и главоболките

0
622

Почна и заврши и повторно ни ги наполни чантите и џебовите со многу нови визит-карти и каталози, а душата – со срдечните средби со старите пријатели и винарии.

Веќе 4 години по ред на истото место, во хотел „Мериот“, на 29. и 30.11 се одржа најголемата винска манифестација на затворено – „Винодонија“.

А таму, нашите најстари пријатели, г.Ристо Ташев и неговиот син Урош од винаријата  „Тристо“ кои никогаш не се здодевни и исти, напротив, секогаш имаат новости – лани тоа беше пенливо вино, а годинава – новото розе, ’женско’, како што рече г.Ристо.

Малку полево уште еден познат лик, оној на Сашко Андов, енолог и наследник на малата семејна винарија Ерос која ја почнал неговиот татко Душко Андов пред 20 години. Неговата мисија денеска, освен да продолжи со производство на вино во семејната винарија е враќањето на винската сорта Станушина во редот на квалитетни автохтони македонски сорти на што работи во соработка со Слоу фуд Македонија како и афирмација на производите од Станушина, како што се, вино, маџун, ракија, гроздов сок и други, и полесно поврзување на производителите со крајните консументи.

Неговиот сограѓанин  и колега Ѓорѓи Наумчев од фамилијарната бутик винарија од Кавадарци „Ѓи Ем Ен Наумчеви“ кој создава вино со посебно внимание и љубов, почитувајќи го биодиверзитетот на Македонија и славните микролокалитети Бегниште и Фариш и неговите висококвалитетни Траминец, Темјаника и Станушина се одамна познати меѓу винските љубители. На Винодонија 2019. имавме можност да го пробаме и најновиот премиум Вранец барик направен во строго ограничени минимални количини.

Тиквеш, Стоби, Камник, Далвина,  и една нова на нашиот пазар, со познато име – ’Ферари’, и многу други, повеќе од 50 винарии кои понудија повеќе од 450 различни етикети. И секако, повеќе интересни работилници и предавања. За жал, ние бевме само на една, на темата „Запознај ја винска Црна Гора“  на која говореше винскиот новинар Ивана Бољевиќ, која не запозна со, според неа, најдобрите и најинтересните црногорски вина.

Сѐ на сѐ, уште една интересна, бучна и забавна Винодонија. И да не заборавиме, тука имаше и неколку работи кои одлично одат со виното, а тоа се пармезаните, моцарелите, намазите од тартуфи, чоколадните изработки на госпоѓа Викторија и убавите празнични декорации на ’Fine wine’ кои ѝ дадоа на оваа манифестација и една мала нота на претпразнична магија.