Брзо и здраво домашно лепче

Дури и кога ви се чини дека сте толку уморни што нема шанси да станете и да правите нешто, иако многумина не мислат така, правењето леб е една од полесните и поедноставни работи за кои навистина не треба многу труд и време.

0
300

Ако немате доволно брашно, а сакате да си направите леб, секогаш можете да комбинирате со тоа што го имате.

На пример, ако имате овесни снегулки, смелете ги и еве еден вид на брашно, имате уште малку бело брашно, ставете и од тоа, ако сакате можете да измешате и 3-4 видови брашно и нема шанси да не е вкусен.

Најубав е лебот со домашна маја, но ако не сте ги измешале состојките навреме, односно, од вечер, не можете да го направите баш кога ќе ви текне.

Но сите други, можете. Дури и до само 1 лажичка сув квасец.

Овој леб е направен од два вида брашно, грахам е поголемиот дел, а бело брашно помалиот. Отприлика, состојките се овие:

600 г грахам брашно

200 г бело брашно

500 мл. млака вода

1 лажица мед

1 лажичка сув квасец

1 рамно лажиче сол

1-2 лажици ладно цедено сончогледово масло

Тестото е малку лепливо, но ќе можете да го обликувате. Ако се лепи премногу додадете брашно, ако пак ви се чини дека е тврдо, ставете малку повеќе вода.

Замесете тесто од состојките, покријте го и легнете да се одморите.

Ако сте гладни, доволно е да почекате 1-1,5 час, а ако имате повеќе време можете да го оставите и подолго.

Обликувајте го во облик во кој сакате, покријте го и оставете го уште 1 час. Во меѓувреме, вклучете ја рерната да се заагрее.

Засечете го по површината, намачкајте со малку масло, ставете ако сакате црно семе, сусам или некои други семки и печете го на 200 степени околу 30 минути.