Битола, бабам, Битола…

Викендов (3 и 4 декември) во Битола ќе се одржи промоцијата на првото македонско издание на Slow Wine 2021, како увертира во следниот настан, а тоа е Slow Wine 2021 кој се одржува по трет пат, а оваа година под Slow Wine концептот.

0
333

Секогаш сум се прашувала што значи тоа „бабам“, ама дури неодамна се сетив да побарам и најдов дека тоа во буквален превод на зборот би било „татко мој“, но преносното значење е нешто супериорно, извонредно, со најубави одлики и особини, единствено, недостижно. Се согласувам со сето наброено погоре, освен со последното, Битола е достижна, ене ја кај е, а викендов таму ќе се случуваат многу убави работи.

Првиот е промоцијата на првото македонско издание на Slow Wine 2021 која ќе се одржи утре (петок, 03 декември 2021), во Кино Манаки со почеток од 18 часот, како увертира во третиот вински салон Slow Wine 2021 кој се одржува по трет пат, а оваа година под Slow Wine концептот.

Првото македонско издание на Slow Wine 2021 е концепт граден низ годините на развој на Слоу Фуд движењето  кое од самите почетоци негува култ кон виното.

Идејата на Slow Wine е да ги презентира уникатните приказни за винарите, нивната страст и поврзаност со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје и пејзажите, традицијата и технологијата на вино, со фаворизирање на оние кои спроведуваат еколошки одржливи практики на одгледување винова лоза и производство на вино. Во првото македонско издание на Slow Wine 2021 преставени се 7 винарии и 27 вина од локални, регионални и интернационални вински сорти  кои се одраз на македонскиот тероар.

По промоцијата на водичот, нормално, следува коктел, а потоа и проекција на филмот Barolo boys, документарец од 2014 година која ја обработува приказната за група млади винари (наречени Бароло Бојс) кои во 1980-тите и 90-тите драматично го променија светот на виното Бароло, во Ланге, северозападна Италија. Документарниот филм ја освои наградата DOC Wine Travel Food Prize 2014 година, за најдобар филм на теми за вино и храна.

Во сабота (4 декември) Офицерски дом во Битола за првпат ширум ќе ги отвори вратите за сите кои го негуваат култот кон виното, производители и љубители на овој божествен пијалок и ќе се претвори во своевиден „храм на виното“.

Воедно ова е еден од првите јавни настани кои ќе се одржат по неговата реконструкција и пуштањето во употреба и претставува извонредна можност да се почувствува неговата убавина и амбиент збогатен со содржините од програмата на Slow Wine 2021 винскиот салон Битола.

Објектот на Офицерскиот дом во Битола е изграден во 1911 година од управникот на битолскиот вилает Абдул Керим-паша, а целосно довршен во 1919 година.

Редок пример на архитектура, со голема и одмерена архитектонска естетика, која покрај генерални стилски карактеристики, носи и печат на оригиналност и неповторливост.

Објектот служел на елитата на повеќе војски, како палата за свечени приеми, забава и одмор, а одржувани се и безбројни балови.

Офицерскиот дом е обележје на град Битола и културно-историски споменик на битолската и македонска култура, тој е наследство кое денес се враќа во функција на културата во Битола.

Накусо, сè што треба да знаеме за Битола викендов, но и воопшто, е веќе одамна кажано, односно, опеано: Битола, бабам Битола, таму се живот живее. Таму се живот живее,
таму се јаде и пие…