А дали знаете што е тоа ЛАПА?

Иако го споменуваат во светскиот атлас за храна, овој специјалитет за многумина од нас е непознат. Истраживме за што станува збор и еве ги основните информации.

0
1253

Лапа е старо македонско јадење, едно од ретките што сè уште се задржува на трпезите во источна Македонија. Барем во оние куќи во кои повозрасните успеале да го пренесат рецептот на новите поколенија. Лапа се прави од уфак, поточно, од искршени зрна ориз кои обично се тргаат настрана, па за да не оди зијан, на времето од нив почнале да го прават и овој специјалитет. Секако, во недостаток на кршен ориз, можете да се послужите и со обичен бел ориз.

Лапата е карактеристично јадење во Источна Македонија, а најмногу, се разбира, во Кочани. Порано ова било јадење на сиромашните, храна што им била послужувана на работниците на оризовите полиња. Но со време, станала вистинска „скапоценост“ претворена во специјалитет.

Состојки:

1 литар вода

250 гр. афион

250 гр. уфак или бел ориз

1 мала лажичка сол

Приготвување:

Она што е најбитно е семето од афионот да е зрело и да има доволно мрснотија во себе. Таквото семе потоа се пече во тава, но треба добро да се внимава да не загори. И потоа доаѓа најтешкиот дел. Афионот треба да се кца во дибек сè додека не стане како масло. Дури тогаш е добар за подготвување лапа. Доколку немате дибек или аван дома, можеби сличен ефект би постигнале и со мелење на макот, но велат дека вистинската убавина е во кцањето во дибекот.

Откако ќе се искца афионот, се разредува во студена вода, па се истура во зовриена вода во која има сол. Така се вари околу половина час. Потоа се додава оризот и се доварува додека да се добие еднолична смеса, на која по вкус може да ѝ се додаде уште сол.

Всушност, лапата е еден вид збогатен пилав и обично се јадела за време на постите.

Ако наместо сол ставите шеќер, наместо ЛАПА, добивате пудинг со афион.

Фото: (преземено од Википедија)