Ајвар без лупење пиперки, готов за 2 часа

Ете имало рецепт за ајвар и за оние на кои им е преку глава од лупење пиперки. Ако сакате лут ајвар, уште подобро. Се прави многу брзо, а и не ви требаат посебни услови, само вклучете го шпоретот и затворете се во кујна

0
547

Овој ајвар од везени пиперки и модри патлиџани го направивме по рецептот на нашата читателка Зорица Блажевска. Таа пак го направила по рецептот на нејзината пријателка, итн. Се разбира, рецептите се такви, обично одат од еден до друг, а најважно е да бидат колку што може побрзи, колку што може полесни и колку што може повкусни.

Ова е рецепт за нешто што има најсличен вкус на класичниот ајвар, а се прави навистина многу брзо.

Се прави со везени пиперки кои не се лупат и со модри патлиџани.

Доволни ви се 2 часа работа. Ова е рецептот за една доза, а можете да направите и само половина, како ние. Во тој случај само преполовете ги состојките.

За една доза ви требаат:

4 кг везени пиперки

10 модри патлиџани

1 л зејтин

сол по вкус

1 филџанче шеќер

1 филџанче вински оцет

Приготвување:

Пиперките убаво измијте ги и ако сакате лут ајвар, купете барем 1 кг лути, 3 нелути. (Ние направивме половина доза со 1/2 кг лути и 1,5 кг нелути пиперки.)

Пиперките ставете ги во тепсија во загреана рерна на 200 степени и не ги печете, туку само почекајте да омекнат за да можете потоа да ги смелите.

Модрите патлиџани измијте ги и излупете ги, Пресечете ги на половина и испечете ги.

На везените пиперки извадете им ги дршките и колку што ќе излезе од семките. Не се мачете многу околу тоа, како што гледате, во нашиот има многу семки.

Смечете ги на вообичаен начин, како што правите и со црвените пиперки за ајвар. Смелете ги и модрите патлиџани и ставете се заедно во тенџере. Пржете ги околу 45 минути, па потоа почнете да додавате зејтин, додека не го потрошите цело. Ние ставивме околу 700 г, но веројатно е подобро да се придржувате до рецептот бидејќи модрите патлиџани впиваат доста, па може да биде сув.

Пред крајот додадете ги оцетот и шеќерот и сол по вкус. Би требало да е готов за максимум 80-90 минути.

Загрејте ги во меѓувреме теглите и веднаш наполнете ги, а потоа оставете ги во рерна околу пола час, па затворете ги со капаци. Нека стојат во исклучена рерна до сабајле, а потоа можете да ги преместите на некое ладно и темно место, кадешто обично ја чувате зимницата, или пак, ако имате место, во фрижидер.